Потребно време за читање: 2 минути

122. Определување

Во сечиј живот постојат времиња или периоди односно денови, месеци и години со доминантна лична определба, дури посветеност, кои се во прилична мера детерминирани и можат одделно да се разгледуваат. Притоа, не со цел изведување на какви било заеднички или врзовни „елементи“, туку само како фази на созревање, растеж, создавање или дејствување на оформена личност.

Во таа смисла, мојот пример е секако нетипичен: во детските години најголем интерес, па и љубов спрема музиката (завршено нижо музичко-клавир), потоа во младешките пеење во гимназиски и академски хор (втор тенор, солист; учество на прва аудиција-при формирање на Музичката академија во Скопје-соло пеење), па на почетокот од полнолетството зголемен интерес за литературата, особено поезијата-пишување поезија. Потоа вработување како новинар во МРТВ (посветено работење и врвни резултати) и сѐ до годиниве на старост кога сета творечка енергија ја насочив кон завршување односно с(у)редување на создадени и едновремено создавање на нови поетски, прозни дела, како и мошне интензивно-секојдневно објавување на проблесоци во мислата. А студентските години?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Мислам дека се ретки „случаи“ на дијаметрално спротини, меѓусебно дури противречни лични определби кои во не мала мера влијаеле, можеби биле и пресудни за животниот тек. Како за мојот. Издвојувам два кои некому може да му послужат за ука и поука:

Спомнав, во младешките-гимназиските години најмногу бев определен, па и посветен на хорското пеење. Пеев во хорот на гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје и во академскиот „Мирче Ацев“ во Скопје-втор тенор. Во јавни настапи бев и солист во изведби на некои музички дела.

Како мошне талентиран и перспективен глас, на препорака од гимназискиот професор по музика отидов на аудиција при отворање на Музичка академија во Скопје, отсек соло пеење. Откако таа заврши, а јас влегов во најтесниот избор, од комисијата бев прашан: „Што по завршување на гимназијата?“. Јас „како од пушка“ одговорив отсечно, решително: „Ќе студирам економија!“. Сите беа прилично изненадени, а еден од нив допраша: „Зошто?! Не соло пеење? Па, ние веќе те имаме во списокот…“. Одговорив: „Затоа што пеењето не обезбедува добра егзистенција. Економија е друго“. Се разбира, како „зрела и самостојна личност“ премолчев дека тоа беше став на моите родители, особено на татко ми.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Што стана со студиите по економија? По завршување на гимназијата се запишав на Економскиот факултет и „поминав“ мачни пет-шест години, а стасав до положени половина испити од третата од четирите студиски години. Особено ме изнамачија книговодство, статистика…

Во меѓувреме сѐ повеќе се посветував на пишување поезија. Ја објавив и првата стихозбирка („Куќа што молчи“), па се вработив како новинар…

Очекувано: ги запоставив студиите по економија, па и запрев со полагање испити. (Имав мал „излет“ како вонреден студент на Филолошкиот факултет, положив неколку испити.) Многу години подоцна на наговор, дури голем притисок и упоритост на Чеде Шопкиќ, новинар-соработник во Контактната редакција на Втората програма на Македонското радио (на која ѝ бев уредник), во програмата „Радио урнебес“, положив неколку дополнителни испити за завршување на прв степен-економист, насока „Економска политика и развој“. (За што сум му неизмерно благодарен.) Што, пак, ми помогна само како услов за унапредување во новинарско-уредувачката кариера, до Одговорен уредник на Втората програма.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Во мојот живот и работната кариера има и други „необично“ пресвртни моменти, ситуации, состојби, процеси, но мислам дека раскажаниов е еден од „посебните“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here