161. Навредите
Што и како со оние кои ве навредиле? Ги отфрлате, ги отстранувате, ги оддалечувате од себеси, сте ги заборавиле, мигум ги заборавате? Или, пак, ги игнорирате, што значи ги оставате да продолжат да ве навредуваат?
Се знае кои се тие: навредуваат инфериорни пред тебе, крај тебе или со тебе, кои не можат на твоето да му спротивстават нешто свое, поголемо, позначајно, повредно, може недостижно. Најчесто навредуваат безлични и ништожни.
Немам одговор на две прашања кога е збор за навредувачите:
Дали треба да се именуваат, на нив да се покажува со прст? И што со тоа?
Во животот сум доживал безброј лични навреди од лица на кои сум им верувал, кои сум ги сметал за искрени, пријатели, чесни, достоинствени. Со кои сум се дружел. Со нешто сум им помогнал без возврат. И тие навреди се големи, ненадминливи, некои непростливи. И се незаборавни. Некои ме навредиле несакајќи, од невнимание, без злонамера, и нивните навреди се мали, лесни, простени. Можеби заборавени.
Не знам за други, но јас во изминатите години на сосем повлечена, според некои изолирана живеачка, не сум доживеал голема навреда. На малите, лесните не обрнувам никакво внимание.
Најголеми, незаборавни н непростливи навреди сум доживеал како книжевник. Да, како смислено, па и организирано омаловажување, обезвреднување, негирање на моето творештво воопшто и на конкретно дело. Навредувачите одамна сум ги отфрлил, сум ги отстранил од мојот круг на блиски, познајници и пријатели, сум ги оддалечил, сум ги заборавил. Ама успеаја! Сум што сум: со обемно творештво, со единствени дела на светот според големината, структурата, содржината; а сосем непризнаен, незаслужен, без никаков писателски или општествен статус.
Да ги именувам? Нема потреба! Знајни се и се знаат меѓусебно. Мислам дека се уште заедно. На незаслужени позиции се.
Пред некој ден случајно се сретнав со еден од нив. Ме праша:
-Што е? Си ме заборавил или се правиш дека не ме познаваш?
Му одговорив:
-Не сум те заборавил, ама не те познавам!