2.3.5. Пасивно слушање
Проблематиката на активното и пасивното слушање на радиото ќе ја обработам во посебно поглавје. Во контекстот на претпоставките за континуиран и интензивен развој на радиото на современата модерност (на Евергрин Гром радио) само ќе посочам на улогата и значењето на забавно-рекреативниот (или забавно-музичкиот) сегмент, а особено во однос на „пасивноста“ или неконцентрираното-незаинтересираното слушање на тн. забавно радио.
Едно симплифицирано гледиште за предностите на радиото во однос на телевизијата може да нè упати во сосема погрешен правец: радиото може да се слуша едновремено работејќи што било друго (на пример, домаќинката да пегла и да слуша, да готви внимателно следејќи ги актуелностите на радиото, па и да чита слушајќи радио), а телевизијата го мобилизира сиот активитет на гледачот; тој не е во можност да работи, да му се посвети на нешто друго; со други зборови, го пасивизира. Притоа, најчесто се мисли на неговото „озабавување“-релаксирање, а што е, се разбира, во спротивност со „внимателното следење на актуелностите“ (и во забавната „сфера“, на пример во музичко-естрадниот, спортскиот итн. свет). Мислам дека е тоа сосем погрешно! Радиото на современата модерност и кога забавува-релаксира всушност го мобилизира, поточно го продолжува вниманието на слушателот.
Забавата воопшто не значи незаинтересираност. Напротив, таа во својата суштина претставува ослободување од грижите и проблемите, од напорот и напнатоста на кои човекот се изложува за да ја надмине постојната состојба, да ги реализира сопствените обврски, да достаса до целта.Тоа значи дека таа има мошне важна активна позитивна функција за виталитетот и развојот на сознавачката моќ, за ангажирање на творечките потенцијали на човекот/слушателот/рецепиентот. Со други зборови, не може да стане збор за некаква „пасивност“ на забавата, ниту за нејзина релаксирачка функција. Обратно: човекот/рецепиентот/слушателот е или може да биде „пасивен“ спрема забавата, што му се нуди преку масмедиумот, во зависност од неговата перцептивна моќ и од неговата подготвеност за одредување-детерминирање на сопственото слободно и творечко време. Дури, забавата (-разонодата) содржи елементи на игра која, пак, од своја страна го афирмира активитетот, динамизмот на човекот и неговата творечка енергија (слободно-творечко време).
Говорејќи за општествената вокација на играта, Роже Кајоа, меѓу другото, вели:
„Играта не е само разонода на поединецот, таа е тоа можеби многу поретко отколку што се мисли. Секако, постои извесен број на игри, особено игри на вештината, кај што се манифестира единствено личната снаодливост и кај што не би можело да изненадува тоа што некој се игра сам. Меѓутоа, игрите на вештината се појавуваат со иста брзина како и игрите на натпреварување во вештина…Би се рекло дека на играта нешто ѝ недостасува кога е сведена на осаменичко упразнување. Воопшто, игрите го достасуваат својот полн досег во моментот кога успеваат да заинтересираат поголем број на луѓе”.(1)
Овие ставови на Кајоа, пренесени на нашиов „терен“, значат потврда дека забавното радио (уште еднаш да потсетам дека проблемот на категоријалноста на радиото на современата модерност го негира постоењето на забавно радио, а афирмира доминантност во глобалната програмска определба: забавно-музичко, забавно-рекреативно, забавно-спортско, забавно-едукативно итн.) не се слуша „пасивно“, па и кога тоа-слушањето е индивиуално (разонода на поединецот-„осаменичко упразнување“). Слушајќи радио, тој не се забавува сам, туку е или воден во забавата/разонодата/играта или, пак, има соучесник (радио-водителот се забавува-игра заедно со него наметнувајќи ги правилата на играта и контролирајќи го придржувањето на нив). „Пасивното“ слушање на забавното радио е всушност негирање на неговата вредност-квалитет затоа што претпоставува однос на рамнодушност.
За овој тип програми примарна е комуникативноста, особено директната/непосредната (индиректната/посредната е застапена во многу помала мера). На комуникацискиот феномен на модерното радио– на радиото на современата модерност ќе му посветам соодветно внимание, а во овој контекст го приведувам размислувањето на американскиот професор по антропологија Дел Хајмз, кој се задржува особено на социолингвистичките и комуниколошките процеси, на јазикот на комуникацијата, односно на етнографијата на говорот и комуникацијата.
Во своето знаменито дело „Етнографија на комуникацијата”(2) тој говори за компонентите на комуникативните настани:
„На етнографскиот пристап (…) би можела добро да му послужи преправената и донекаде разработената верзија на фактите што ги има утврдено комуниколошката теорија, а кои потоа Роман Јакобсон ги прилагоди на лингвистиката (1953; 1960). Накусо, тоа се: (1) различните видови на учесници во комуникативните настани-испраќачите и приемачите, адресорите и адресуваните, говорниците и интерпретаторите, и слично; (2) расположливите канали и видовите на нивната употреба-говорењето, пишувањето, печатењето, барабанењето, удирањето, ѕвиждењето, пеењето, движењето на лицето и телото (-поврзано со музиката и нејзината комуникациска функција-Љ.Д.), мирисни, вкусовни и тактилни сензации; (3) кодови со кои учесниците располагаат-лингвистички, паралингвистички, кинемички, музички, интерпретативни, интеракциски, други; (4) опкружувања (вклучувајќи во нив и друга комуникација) во кои спогодувањето се допушта, се налага, се поттикнува, се ускратува; (5) форми на пораки и нивни жанри, вербално распределени од едноморфемски реченици до образеци и стилови; (6) ставови и содржини кои пораката може да ги пренесува односно на кои може да се однесува; (7) самите настани, нивните видови и општи особини-сето тоа, значи, мора на соодветен начин да се идентификува.
(…)
„Некои лингвисти, откако го согледале значењето на говорните актови, сега сакаат да ги вклучат во синтаксата, на тој начин што на реченицата ќе ѝ припишат дека во длабинската структура содржи некој перформативен глагол, нешто како она: „Се прашувам“, „Ти зборувам“, и слично (овие глаголи обично се испуштени од искажаните форми). И навистина, можат да се изнајдат докази кои ваквиот пристап, во некои случаи, го поддржуваа (McCawlej, 1968, 157). Меѓутоа, како општо решение на проблемот, тоа е неприспособено и недосетливо, па претставува и последно упориште на напорите да се остане во границите на конвенционално сфатената лингвистика. Пристапот со кој се инсистира на сложено и апстрактно знаење на говорните претставници, со оглед на останатите односи, сосема различни од остварените форми, не е потребно да се присоединува на буквалното вербално отелотворување на говорните актови… Имено, некои тврдења, молби, наредби, закани и слично, се препознаваат врз основа на знаењето кое, едновемено, се однесува и на формата и на пораката и на односите во кои тоа се остварува. Така, на пример, реченица која во вообичаените односи значи навреда, во некои може да претставува знак на интимност“.
Се разбира, етнографијата на комуникацијата е мошне сложено прашање кое Хајмз го елаборира со ерудиција и компетентност, а за овој разглед иницира едно пошироко промислување на тема: комуникацијата на радиото на современата модерност со својот слушател-рецепиент и неговата идентификација во однос на именувачкото како креативен чин par excellence.
Пасивното слушателско внимание, непотполноста на концентрацијата и мотивацијата на слушателската перцепција (содржинско прилагодување на нив) во рамките на забавно-рекреативните односно забавно-музичките програми, емисии и рубрики на Евергрин Гром радио е инкорпорирано водејќи особено сметка за темпоралноста и целната група од слушателскиот аудиториум. Со оглед на едукативно-информативно-забавната глобална определба (нивна доминантност), таквите програми, емисии и рубрики имаат соодветна динамика, стил и радио-дизајн, а со цел нивно препознавање и идентитет (вокални радио-личности со сите специфики што ги афимира, креативност-авторство, авторитет). Се разбира, контактноста, директната-непосредната и индиректната-посредната, е придружен елемент, а во зависност од концепцијата и програмската структура таа е или строго временски детерминирана или постојано „отворена“ (за што веќе говорев, а во посебно поглавје ќе говорам за отворено-контактните програми, емисии и рубрики како феномен на современото-модерното радио).
1) Rože Kajoa: “Igre i ljudi”, Nolit, Begorad, 1965
2) Del Hajms: “Etnografija komunikacije”, BIGZ, Beograd, 1980