ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 2 минути

30. Народ и граѓани

На средината на сцената говорница, во светлосен круг. Излегува Видан Трајкоски, интелектуалец со своите истапи во јавноста многу незгоден и непријатен за актуелните политичари. Во салата тишина. Само се слуша една мува како лета и слетува од еден до друг слушател или од една до друга слушателка. Сите во исчекување.

Видан Трајковски се накашлува и почнува:

-Народе, граѓани и селани, дами и господа,

Вечерва сакам да ја искажам пред вас својата огорченост поради нашиве недоветни и приучени политиканти и политичарчиња на власт. Не мора да го делите моето мислење, но јас сум сигурен дека вие знаете и ќе го делите без да ве прашам или тие да ве проверуваат.

Јас долго размислував што се крие зад тоа дека од неодамна нашиве недоветни и приучени политиканти и политичарчиња тебе, народе, не те ни спомнуваат. А стануваат напорни со нагласувањето дека сите ние за нив сме граѓани. Ние тоа секако сме, што не може да се каже за нив, провинцијалци со, како што еден се изрази поетски, опиноци во главите. Не можеме да ги наречеме селани, можеби најсоодветен за нив е сленговскиот „сељак“, но нека им биде. Што значи дека кога ни се обраќаат со „граѓани“, тоа значи дека се обидуваат самите да ни се наметнат како такви од една, а од друга страна да се изедначат со нас.

Меѓутоа, јас сакам да ви укажам на една нивна заднинска, а мошне провидна злонамера. Дури мислам дека ја прифаќаат, поточно ја спроведуваат оти мораат. Значи, наредена им е и немаат каде. Имено, наредено им е државава веќе да не ја третираат како држава, туку, како што исто така пречесто нагласуваат, како „едно општество за сите“. Што е само по себе тежок дебилизам. Во врска со ова сакам да го подвлечам она што знам дека тебе, народе, ти е мошне добро познато. А сакам вака, јавно, да ги разобличам како натурени антидржавни односно разнебитувачки и велепредавнички елементи. Којзнае, можеби некој од нив ќе ме чуе, ќе се сепне, ќе се свести, а ако не знае можеби ќе го прифати како ука. За да не биде како другите со кои е-тежок дебилист.

Сè што прават оти мораат да прават дибециве на власт е со крајна цел уништување на твојата држава и едновремено твое бришење, народе! Нејзиното преименување и подарување на далечното и блиското минато на соседните држави е само прв чекор. Придружен со негово папагалско повторување и страв ни случајно да не те наречат што си-народ. Затоа „граѓани“, па „граѓани“. Да, како дел од овој народ и малцинствата со него има граѓани, но има и селани. Најмногу од нив се од трети-малограѓани, и од четврти-изроди.

Бидејќи ти, народе, ја знаеш разликата меѓу држава и општество, а ним им порачувам да ја научат, еве да им кажам за што треба да се залагаат наместо за тешкиот дебилизам. За: една и единствена држава за сите, еднаква за сите општества во неа.

Овој мој истап ќе го завршам со ова, народе:

Народе, ваква натурена, дебилна, платеничка, измеќарска и арамиска власт ти не заслужуваш. Крени се на нозе, справи се со неа, урни ја дури си уште што си.

За чудо, публиката во мракот остана во тотална тишина. Се слушаше само мува во лет и како слетува од еден до друг слушател, па од една до друга слушателка.

Видан Трајковски со бесшумни чекори ја напушти говорницата во светлосен круг.

Leave the first comment