ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 3 минути

28. Буле Зелен гуштер пресекува

Буле им порача на сите членови на неговото индијанско племе Смокови дека треба вечер да се соберат околу оган, баш ко Индијанци, на кејот на Мртва река односно Крива река која е одамна мртва валкана. Одамна не се собрале, има едно пет-шест дена и ноќи, ама не како често порано скоро до полноќ да се прават романтични типоси, да гледаат во ѕвездите и месечината замислувајќи дека сѐ околу нив и во нив е полно со романтика. Им порача дека треба да се соберат зашто решил да пресече во врска со банадата односнио мафијата односно скорашното формирање партија.

Се собраа и веднаш на Куле дренот, Лидија кракатата, Митра штиклата, Јонче стаорецот, Зоре сомот, Иле мачорот, Томче кубурата и Стојмен каменот, Буле Зелен гуштер им се виде некако замислен, како загрижен; како ту мртов ладен, ту напнат како лак без стрела односно ептен решителен.

Небото беше полно со ѕвезди, а меѓу нив беше и јасната месечина. Огнот околу кој испоседнаа личеше баш на индијански. Со ниски и високи пламени и искри помеѓу нив што се растураа на сите страни. Според главатарскиот обичај, Буле Зелен гуштер ја крена десната рака во знак на поздрав и наредба сите да молчат, никој да не помисли ни да зуцне. Па како што е вообичаено во сериозни ситуации, им се обрати со длабок глас во ехо, како во длабока пештера:

-Мили мои браќа и сестри, мое индијанско племе! Јас, вашиот главатар Зелен гуштер, решив да пресечам во врска со нашата сегашност и иднина! Мораме сите да покажеме максимална сериозност зашто сме во ек на тинејџерството односно адолесценството односно пубертетството. Со други зборови, дека сме на чекор од зрелото доба. Пресекувањето ми е во врска со нашиот статус и организација. Како што ви е добро познато, ние сме индијанско племе, одвреме-навреме банда или мафија, а подолго време сме во формирање на политичка партија. Јас длабоко и широко го анализирав сето тоа и решив да пресечам.

Како што е обично, Куле дренот односно Кураженко, првиот другар како роден брат на Буле, сакаше да му влезе во збор, ама се воздржа зашто не му беше баш јасно. Всушност, сакаше да ги израдува сите дека племето се зголемува со сестра му Сирма и брат му Перо, кој ги донесе и сакаше да им ги претстави. Тој уште од дома им даде индијански имиња: Сирма Долгоногата, зашто засега има подолги нозе од обично за нејзини години, и Перо Ќутенката, а со оглед дека засега не можеш ни слог ни интерпункициски знак да му извлечеш од уста, а камо ли два-три збора.

Продолжи Буле Зелен гуштер:

-Значи, како што ви потенцирав, пресекувам! Отсега никој да не ни спомнал дека сме банда или мафија. Каква банда или мафија?! Ниту сме биле, ниту сме, а јас лично нема да дозволам да бидеме. Знам, ни идеше одвреме-навреме да се викаме така во смисла на група, тим, тајфа, ама што не оди не оди! Во ова време на банди и мафии некој лесно ќе помисли дека сме подмладок на некоја од нив, па богами и да го кркаме стапот. Значи, отсега па натаму и во иднина на никој од вас да не му излета од уста банда или мафија. Се разбравме?

Сите одговорија со „Да, да, да!“ и кимање глава, весело и радосно, па Буле Зелен гуштер според главатарскиот обичај пак ја крена десната рака, во знак на поздрав и наредба сите да молчат, и продолжи со длабок глас во ехо, како во длабока пештера:

-Може некој од вас да се разочара ако замислил да се насочи во тој правец, ама јас пресекувам и во врска со формирањето политичка партија. Ништо од тоа! Баш ништо! Повторувам: Ништо!

Зошто ништо? Просто напросто затоа што ова наше сегашно политизирано време не може да трае уште долго. Ќе мора да се деполитизира, а тоа значи дека партиите ќе станат сè помалку популарни и понепотребни. Ќе останат само најавангардните и најголемите. Има нешто поважно што ми удри во мозок како гром од ведро небо, просто ме освести: нема ама баш никаква врска помеѓу поезијата и политиката. А знам од историјата на древните цивилизации, особено од исчезнатите и од оние што сосила ги исчезнаа, дека само како Индијанци ќе можеме да опстанеме како древна цивилизција. Ако ви звучам ептен сериозно и зрело, тоа е затоа што татичето ми и мамичето ми, како и татичето и мамичето на Куле, можеби и вашите во последно време се ептен сериозни и зрели. Што им ги наметнуваат политичките партии и политиканството.

Како што ви е веќе добро познато, јас сум поет, сигурен сум дека сте и вие во душа и срце, па ви е многу драго што пресеков отсега натаму и во иднина да бидеме само индијанско племе Смокови.

Пак сите одговорија со „Да, да, да!“ и кимање глава, весело и радосно. Го изгаснаа индијанскиот оган и се разотидоа откога претходно Буле Зелен гуштер ги разочара дека таа вечер не планирал да им прочита своја нова песна.

Leave the first comment