5. Камена песна
Од кој ли простор
надошла песнава
камена
што ја слушам
како да е од многу
одамна?
Камено срце ли ја
создало
или некој со срце
во камен?
Не прашувам
оти ја прекажувам
во мое време
како да е моја,
ами дека воопшто
не е студена,
што значи
сè уште не е сосем
скаменета.
Ја прекажувам,
а ниту збор,
а ниту глас,
а ниту созвучје
нејзино во мене.
Сал мисла
за каменување
на љубов по смрт
што живее.