Потребно време за читање: 2 минути

7. Сега да има и за нас
(од добрина?)

Ајде да ја погледнеме
добрината
во онаа страна на мерното око
на времето
од вчера со утре.

Потоа да почекаме
да се вратат старите минувачи
низ моите и твоите дребулии
во сонувањето
за со нив да ја дочекаме.

Сигурен сум дека тогаш
ќе можеме да видиме
што се случува
со фрлената гранка
во матната река,
изгубена пред некоја рака
на еден бран,
како да е на давеник;
или само брза бистра вода
да видиме;
и така и толку спокојни
да засадиме убава трева
во нашиот круг,
за проштална песна
легнати во неа.

Ајде да се вратиме онаму,
на она место
под кое застанаа птици
во лет на небото,
колку да се одморат
од високи шуми
многу постари од нас.

Ајде да ја оставиме
устата на ветрот
со своите топлини
и блажини
во многу бои,
настрана од мирисот
на новите есенски земји
што ги освоивме
во меѓувреме,
пред да ни дојде зимата.

Прочитај и за ... >>  ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

Тогаш ќе ја рашириме
чергата
со продадена скитничка
само затоа што мајка ѝ
израснала во колиби
од минатото лето.

Да, точно е, така е.

Сега чекаме голо пладне
за голо да се живее
конечно со мудрост,
без оглед што не мислам
на неа,
а на нешто друго,
како умора на пример,
со голема ливада за игри
во дамнешни години,
мошне идилично нели,
со почит кон прагови
во незаборав,
со прости насмевки
на простосрдечни луѓе
за самостојни чекори.

Па ајде да ја погледнеме
добрината
во онаа страна на мерното око
на избраниот
за почит и достоинство.
И да не го именуваме
оти некој можеда го порази
па до смрт да го држи
во заточение.

Во оваа долина веќе горат
куќите градени со спомени
на нашите татковци
за нашите деца.

Плунката в уста побара
високи горештини;
да се соблече крај извори,
крај потоци,
па потоа може каде било,
може на улица,
до нов прозорец,
до долго ѕидани
соѕидани високи порти
од камен и сува земја;

Прочитај и за ... >>  ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

за нас или само за нас,
сосе сите пред нас,
и зад нас и под нас,
сосе сите во нас.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here