Потребно време за читање: 2 минути

49. Духови

Живеев некое време во спомените од семејната куќарка во селото на дедо ми, баба ми, татко ми и моите две тетки. Куќарката беше ем трошна ем мала за петмина со семејства, четворицата браќа на дедо ми и тој. Ја поделија пред да се разотидат секој на своја страна, пред војната. Дедо ми и баба ми со рожбите се преселија во град. На дедо ми му припадна мала одаја на северната страна. Остана доживотно лут поради тоа, негова нога никогаш не стапна во неа. Куќарката уште е на свои темели и жива. Очигледно има грижа од некој или некои потомци на браќата на дедо ми.

Јас сум сигурен дека неговиот дух ја посетува одвреме-навреме и престојува во одајата некое време.

Во визба во петкатна зграда, која му припаѓа на станот од шеесетина квадрати на седумчленото семејство на татко ми, има дрвен зелен креденец. Направен е по војната од очигледно вешт столар. Со многу мали ормани, два застаклени, полици и фиоки. Тој одамна ми има раскажано дека со мајка ми со него почнале да куќат скромна живеачка. Татко ми и мајка ми се умрени, а знам дека креденецот е уште таму.

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Можам да посведочам дека неговиот дух одвреме-навреме доаѓа во визбата, го гледа како да не може да му се изнагледа. Ги чисти прашината и пајажината и му се радува како дете. Не знам зошто.

Долго мојата библиотека со илјадници книги ми беше строго средена, според годините на објава на книгите и сигнатури. Како се преселувавме јас и моето семејство од едно во друго туѓо живеалиште, не успевајќи да стокмиме свое, така библиотеката се растураше сѐ повеќе, сама од себе. А јас сѐ помалку успевав да ѝ посветам доволно од своето лично време за средување, за обновување и дополнување со нови книги. Конечно се растури, сама од себе, кога со судни маки успеавме да направиме и да заживееме во приземна куќарка со две одаи, трем и мал двор пред неа.

Се разбира дека мојот дух катадневно, особено во ноќните часови е меѓу и во книгите на мојата библиотека. Веќе сосем растурена, што да не можам ниту јас да ја средам како било.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here