СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

34. Постоење и по него

Постојам одамна,
сѐ уште,
постоев до скоро,
ама веќе не?

Постојам дека сум
отсекогаш јас
во свет што се менува,
што го менувам
помеѓу мои воздиви
и издиви,
помеѓу извишувања
до небо
и ничкосувања наземи.

Постојам откога знам
за секакви времиња
во тишини
и громогласни викоти
од порази до победи.

Мигум јас стена
од врв струполена
на брег
на спокојна река,
речиси пресушена.

Постоев некогаш
молња меѓу облаци
кои се збираат,
влегуваат еден во друг
што да не може
ниеден ветер
да ги одвее далеку.

Постоев додека
корени не им даваа
на годовите
во моите стебла
да се оддалечат
брзо и премногу
од срцевината,
та да заборават дека
во неа ми е
сета животворна сила.

Постоев до скоро
како сенка во игра
на зборови, мисли,
соништа и оган,
ама веќе не.

Leave the first comment