Потребно време за читање: < 1 минута

44. Патриот

Велјан Костадинов е голем патриот. Патриот му е прекар, а на него се одѕива како да му е лично име:

-Кај си, Патриот?

-Тука сум. Секогаш со вас!

Некои и не го познаваат како Велјан Костадинов. Како да е тој некој друг, ним непознат.

Често зборува за љубовта кон татковината. Вдахновено, со слушлив внатрешен ритам на зборовите, за неа грижливо избрани:

-Љубовта кон татковината е со еднаква сила во срцето и свеста. Секогаш ми фалат зборови за да ја доискажам.

Татковината, земјата што те изнедрила, те заживеала, те одржала и те одржува во живот, те вкоренила и те вкоренува-е вечна. Живее пред и по сечиј живот.

Не разбирам како може некој да живее без неа во срцето и свеста, да ја обеснажува во други, дури и да ја исмејува?!…Како може да не се бори против предавници, туѓински платеници и слуги, против нејзини разнебитувачи?!

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Лани Патриот доживеа тешка сообраќајна незгода со трајна последица! Го скрши `рбетот, му се одзедоа нозете. Сега е во инвалидска количка, помирен со вистината дека нема да прооди до крајот на животот.

Секогаш е во првите борбени редови на одбрана на патриотизмот. Не чека некој да го праша или да му подвикне „Кај си, Патриот?“. На патриотите често им повторува „Тука сум. Секогаш, до смрт со вас“.

 

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here