48.
Што знае Александар за Касиопеја? Знае сѐ знајно:
На небото најнапред се открива соѕвездието Голема Мечка, па ѕвездата Северница и по неа група на ѕвезди во форма на латинската буква W. Поширокиот дел покажува на која страна е север. Станува збор за пет најсјајни ѕвезди од соѕвездието Касиопеја (Cassiopeia и кратенката Cas). Со голо око во ова соѕвездие можат да се видат 90 ѕвезди. Касиопеја е во делот од небото каде што проаѓа Млечниот Пат, па во ова соѕвездие се откриени повеќе небесни објекти.
Најсјајна ѕвезда е алфа Касиопеја или Шедар. Оддалечена е од Земјата 200 светлосни години. Има привиден сјај од 2,23 величина и спектар K, што значи дека е ѕвезда со портокалов сјај и температура на површината од 4 000 степени. Нејзиниот сјај е околу 230 пати поголем од Сончевиот.
Втора ѕвезда според сјајноста е бета Касиопеја или Каф. Има привиден сјај со величина од 2,25 и припаѓа на спектралната класа Ф, што значи дека има белузлаво-жолта боја и површинска температура од околу 700 степени. Сјае околу 19 пати повеќе од Сонцето, а од Земјата е оддалечена околу 45 светлосни години. Ѝ припаѓа на групата ѕвезди кои имаат променлив сјај.
Гама Касиопеја или Цих има спектар БО, а тоа значи дека е белузлаво-сина и има површинска температура од околу 20.000 степени, но со чести промени. Нејзиниот привиден сјај најчесто има величина од околу 2,4. Во текот на непредвидливите промени таа ги менува сјајот, спектарот, бојата, температурата и пречникот. Оваа ѕвезда од Земјата е оддалечена околу 100 светлосни години и од Сонцето е посјајна околу 100 пати.
Во 1572. година во соѕвездието Касиопеја се појавила супернова, позната како Тихо Брахеова ѕвезда, а во чест на познатиот астроном Тихо де Брахе. Забележано е дека новопојавената ѕвезда на небото со сјајот ги надминала сите ѕвезди. Можела да се набљудува дури и при полна дневна светлина.
Во близина на променливата ѕвезда АР Касиопеја се наоѓа еден од најсјајните радио извори на небото, познат како Касиопеја А. Со големи телескопи е откриено дека на местото на радио изворот оптички се гледаат низа слаби маглини. Се претпоставува дека тие се остаток од уште една експлозија на супернова. Според некои историчари, таа се случила во 1680. година.
Во соѕвездието Касиопеја постојат и маглини, т.е. ѕвездени јата. Од попознатите се М52, М103, 457 (NGC457) и други.
Во митологијата Касиопеја, „сок од циметово дрво“, кралица на Аргос, била жена на Кефеј и мајка на Андромеда.
Касиопеја била мошне горделива, арогантна, суетна. Се фалела дека таа и нејзината ќерка Андромеда се многу убави, поубави од божествените морски нимфи, Нереидите. Толку се навредиле што побарале од богот на морињата Посејдон да ја казни. Тој го испратил морското чудовиште Кракен кое почнало да ја опустошува земјата со која владеел Кефеј. Тој, пак, за да го спаси својот народ го прашал Амоновото пророчиште за совет и добил одговор дека треба да ја жртвува својата ќерка Андромеда. Народот го принудил својот крал да го стори тоа, но го одвратил и го спасил Персеј. Го скаменил чудовиштето со догледување на главата на Медуза.
Касиопеја на Персеј му ја ветила ќерката за жена, но не го дочекала љубезно како зет, а и била во дослух со Агенор кој грубо ја прекинал свадбената веселба. Таа сакала токму Агенор да ѝ биде зет, па дури гласно ја побарала смртта на Персеј.
Посејдон ја казнил поставувајќи ја помеѓу ѕвездите, но во одредено доба од годината да биде свртена наопаку и заврзана за корпа за пазарување, за да изгледа смешно.