31. Тишината на Секула
Секула толку се навикнал на тишината што го опфатила, го обградила, во која одамна живее, што не поднесува ни најмал шум од него или од штогоде надвор од него. Да, ноќе, ама сѐ повеќе и дење.
Веќе престана да зборува гласно сам со себе, а се прави глув и нȇм кога ќе се замеша во луѓето.
Му натежнала тишината? Го заробила? Го поразила? Ни сам не знае. Ја чувствува како сојузничка на неговиот молк, како своја. И во неа слободен, независен, самобитен.
Никој не гледа, никој не согледува, не разбира, ниту, пак, прифаќа дека Секула сѐ повеќе тоне во само негова тишина. За сите таа е единствена и за сите.