15. Секако
Секако пред некако
или никако?
А секако по никогаш
повеќе
или никаде одовде?
Јас знам за нов хоризонт
што лесно се догледува
ако ги разделиш
стварноста и заумноста,
штом ќе се разбудиш
по сон во кој одвај
конечно си успеал
да се препознаеш себеси
каков си бил
и допрва ќе бидеш.
Јас знам за уривање
на до небо ѕидишта
сосе заборавени
од потомци далечни,
повеќе незнајни
одошто знајни,
со кои сами се обѕидале
зашто немаат со кого
да стојат цврсто на нозе
пред какви било
недостојности, покор
и униженост.
А знам и за некако
пред секако,
и за никогаш повеќе
по секако
или за одовде до никаде.
Затоа сме сѐ уште
заедно во овој недорек
со докажана човештина.