Momentum XI
Минуваат сенки.
Глас 5
Ние сме постојано на сценава. Ќе си здодееме, а здодевноста може да ни ја уништи желбата сѐ да биде нормално. Треба малку и да прилегнеме. За тоа што се плашиш од ножот; ќе те викнам дома сама да се увериш дека не постои никаква опасност ако внимателно ракуваш со него. На пример, кога сечеме коска мора силно да се замавне и веднаш до прстот кој го покажува местото каде што е најтенка.
Глас 9
А ако во меѓувреме некој го замени со скалпел или со меч?
Глас 7
Гонгот означи точно…
Глас 10
Не сега. Не времето. Зарем не гледаш дека сѐ се одвива според нашите предвидувања.
Ах, тие фонтани!
Нели е смешно што седиме
вака голи на клупа
и ги гледаме како се обидуваат
да го фатат балконот.
Се пенат од напор оти
не им успева.
Се наредиле една по друга
и така во ред се менуваат
скокајќи.
Викаат, а народот
е толку себичен,
па остави деца околу нив;
барем да ставил и некој камен
или трева
или не знам што.
Во сето тоа најсмешно е
дека ние вака голи
седиме на клупа,
ги гледаме со балконот,
си ги држиме главите
од радост
оти народот се преправа
дека не нѐ гледа
иако знае:
Намерно му се покажавме
по толку години скриени
в соба.