Momentum X
Ноќ со полна месечина.
Глас 3
Мораме да ја претпоставиме твојата болест. Заради доживувањето пред сѐ. Како поинаку ќе си ги објаснат нашите движења и нашите обиди да се вселиме во нивните светови? А треба да има и мелодрамски елементи во нашава претстава.
Глас 6
Се обидуваш да станеш, да продолжиш со нас, но те совладува висока температура. Телото ти е преморено, сакаш да спиеш. Легнуваме и ние до тебе, Потоа те носиме на раце.
Глас 8
Нѐ погледнуваш, малку ни се насмевнуваш, значи одобруваш, и велиш огнот расте. Уште вода.
Глас 2
Ќе издржам. Секако ќе издржам. Само, која ќе ми биде маската? Дали модра, жолта, со отворена уста или само достоинство?
Глас 4
Не е важно. Ти продолжи ја состојбата, а лесно е да те вратиме да играш со нас. Можеме и ова да ти го ветиме: ако преболиш, ќе ти ја насмееме устата и ќе имаш убаво лице.
Стравот расте
и не дозволува
да одмориме.
Окото фатило долг воздух
за да може цела да те нагледа.
Старци седнале под дрво.
Кажуваат големи заби
и остри нокти.
Суви гранки телата им ги држат
исправени.
Окото фатило долг воздух
и дека е едно
седнале под дрво во круг,
да минува од еден во друг.
Сакаат срцето да ти го накажат
тивко и сѐуште слободно,
додека си го плукаат јазикот
одвреме навреме.