Потребно време за читање: 2 минути

Momentum IX

Едниот што ја мереше
сцената
донесува камења
и реди ѕид.

Глас 2

Ѕидот и земјата успеваат да скријат во себе некои векови, а да ни ги откријат кога ќе почнеме да ги прекопуваме. Наоѓаме разни предмети за употреба, траги од војни, од огнови и катастрофи. Потоа зборот.

Глас 4

Овде само ѕидот. Мажите и жените пшјат жестоки вина оти веруваат дека само така ќе си ги продолжат страста и снагата.

Глас 8

Очи и збор.

Глас 1

Едната рака ќе ја скриеш под ракавот како да ти ја пресекле од болест. Ракавот ќе го оставиш слободен на ветер. Пред тоа ќе го наполниш со пердуви. Кога ќе ја почувствуваш крајната моќ на мудроста, ќе се искачиш на една од планините, ќе замавнеш со ракавот како поздрав, а пердувите ќе почнат да летаат и сѐ околу тебе ќе биде бело. Бела магла ќе ја наполни сценава.

Глас 9

А како ќе ја почувствуваш крајната моќ на мудроста?

Глас 6

Едноставно. штом ќе те заболи глава, мислиш ќе ти пукне, а мудроста ќе биде општа и секојдневна.

Глас 3

Ти многу ги поедноставуваш нештата. Треба да внимаваш.

Глас 5

Ѕидот брзо ќе го прекопаме. Ќе му ги откриеме вековите, иако е мошне млад.

Глас 8

Ќе ја прекопаме и земјата. Таа сигурно покрила постари од него. Ние да ги научиме и да ги обновиме.

Глас 6

Не. Само нови.

На ѕидот следиме љубовни игри
од пијани мажи и жени
со кои сакаат да нѐ убедат
дека животот има времиња
што ги повторуваме од потреба
да го одбраниме
сопственото достоинство.

Измисли збор
и запиши дека ѕидот
е најголемиот изум
исправен во светот
откога е век и ден.

Прочитај и за ... >>  MOMENTUM II, Последен чин или спокојно доаѓање на утрото, поетска инсталација

Само да го гледаш
и да научиш прво:
јазикот му е топол;
а после:
знае да зборува и нуди осама.

Воздухот љубоморно го скрил
во срцето,
па плаче ако помислиш
дека е време конечно да падне.

Упорно и живо се противи
оти му е сосема бесмислен
твојот обид,
а веќе ја научил и првата кауза:

Ако има други наредени
како ѕвезди околу твоите раце,
може да го оставиш,
нов да ти го покрива лицето.

Но, погледни сега!
Гледај колку запрел високо,
се напнал да ти каже
оти ќе полуди ако го напуштиш,
ако го оставиш млад
и без вода.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here