56. На умирање
Ја повика својата друшка и со тивок глас, речиси шепот, со испресечени реченици и длабоки воздиви меѓу зборови, се прости од неа:
-Друшке моја, љубов моја, ми привршува смртниот час. Готово е со мене…Те замолувам…Пред тебе за тебе има уште живот…Живеј го најдобро…што можеш…без мене…Го заслужи тоа…Ти благодарам…на нашиот живот…Без тебе…без твојата саможртва којзнае…каков ќе ни беше животот…Сигурно не каков што ни беше…Да имавме и рожба…Не останувај долго сама…без мене…Да си најдеш некој…за дружба…за споделување…Зошто не и љубов…Знам…знам дека…нема да ме заборавиш…додека си жива…Ама нека е само тоа…спомен за мене…
Склопи очи, дишеше спокојно и рамномерно некое време, па ја загледа продорно, ѝ се насмевна топло и продолжи:
-Не обзнанувај ја веднаш мојата смрт. Кажи им само на најблиските…само со нив погребај ме…И ни збор ни говор…Знаеш дека отсекогаш…сум го мразел…лицемерието…Не им дозволувај на лицемери…да се простуваат со мене…Те молам…тивко…да заминам…да исчезнам…
Повторно склопи очи, молчеше некое време, дишеше ту забрзано ту забавено. Челото му го облеа пот, како да се напиња со сета сила да се ослободи од студенината што сѐ повеќе му ја обземаше снагата. Две солзи му ги обросија образите. Таа го гледаше немо и во исчекување на неговите последни зборови. Знаеше, ѝ кажа матичниот лекар дека се ова последните минути од неговиот смртен час. Знаеја обајцата.
Неговите последни зборови:
-Друшке моја, љубов моја…Сѐ од мене создадено…што останува по мене…да не го даваш…да не го раздаваш…Немој…Нека е од мене…само за тебе…и за никој друг…Знаеш…многупати сум ти рекол…Создавањето ми беше…дишење…Создаденото не ми значело…не ми значи ништо…И никому…не треба…да му значи…Само ти…ме бранеше…ме поттикнуваше…ме крепеше…Бев…и бевме…во наше време.
Го погреба во семејниот гроб во кој од пред шеснаесет години лежат коските на татко му, а од пред дванаесет на мајка му. Го погреба заедно со двајца негови први братучеди, кои во последно време му идеа на гости одвреме-навреме и со кои одвреме-навреме ја искачуваа старата планина над градот. На чиј врв никогаш не се искачија.
Создаденото од него, неколку големи и дебели тетратки испишани со негов ракопис-завршени и недовршени поетски и прозни дела, ги стави во дрвено ковчеже заедно со негови и нивни дребнулии. Го заклучи и го сокри добро со книги во библиотеката во неговата работна соба.
Два месеца по неговата смрт таа се исели од градот незнајно каде. Со себе го понесе само ковчежето.