Потребно време за читање: 2 минути

44. Корен

На раб на густа шума татко и син. Седнати еден до друг на корен раширен околу нив, од старо дрво зад нив. Извишено, разгранато и со изгорена срцевина од молња.

Такото:

-Синко, ќе ти раскажам нешто на што сум сигурен дека не си ни помислил. Всушност, ќе ти пренесам лично сознание и искуство. Потоа ти одлучи дали ќе го прифатиш и дали ќе го користиш во твојата натамошна живеачка.

Синот:

-Татко, ти ме научи дека искуството е секогаш драгоцено и корисно. Еднакво личното и на ближните.

Таткото:

-Не случајно седнавме на коренов, на рабов на густава шума. Секако не се преуморивме од минувањето низ камењаров. Не ни е првпат. Знаеме дека штом ќе навлеземе во неа ќе ни се повратат и снагите и расположбата. Ама на коренов седнавме првпат.

Сонцето е на залез, сенките на дрвјата се издолжуваат сѐ повеќе и како да ги опфаќаат, како да ги вовлекуваат во себе.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Таткото:

-Сакам да запомниш дека како човек старее, така неговиот корен сѐ повеќе излегува на поврвнината.

Синот:

-Што велиш?! Сигурен си дека е така? Не е напротив, дека како старее сѐ повеќе длаби во земјата?

Таткото:

-Знаев дека ќе се изненадиш, ќе се посомневаш, може и да не прифаќаш, да се противиш. Ама така е. Можеш да промислиш зошто? Јас од искуство знам оти времето и годините му ја одземаат силата и сѐ повеќе му фали виделина. Затоа наместо да длаби, излегува и се шири на поврвнината. Впрочем, така е со сѐ живо на и во земјава што нѐ крепи. А и стеблото сосе неговата срцевина сѐ повеќе му одземаат од настројбата за вкоренување.

Синот:

-И? Тоа да го користам како сознание и искуство во мојата живеачка?

Таткото:

-Ако го разбра, сам ќе решиш. Судејќи според коренов, мислам дека кога следниот пат ќе го минеме камењаров и ќе стасаме на рабов на густава шума, извишеново и разгранато дрво, разгранато и со изгорена срцевина од молња, ќе го нема. И него и коренов.

Прочитај и за ... >>  МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Синот долго молкум го гледаше в очи татка си, без да прозбори збор. Веќе беше самрак кога станаа, се помогнаа меѓусебно да се дигнат на нозе и заедно навлегоа во густата шума.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here