СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Потребно време за читање: 3 минути

5.

Еве го март, еве го ксант. Се разбира дека воопшто не е случајно тоа дека за Македон, Ксантиjа, Дон и Роза тој е посебен, нивни месец во годината. Не само поради старомакедонскиот празник, според кој се вика друшката на Македон, празникот на пролетта, љубовта и природата, туку најнапред оти им е мошне инспиративен. Секој негов ден го исполнуваат и им е исполнет со содржини, веселби, игри, песни, секакви свечености, па и затврдени обреди. Исто како древните Македонци пред повеќе од три илјади години, празнувајќи го празникот Ксантика тие се радуваат на раѓањето на пролетта, обновата и полнотата на животот, победата на светлината над темнината. Македон и Ксантиjа јавно подржаа иницијатива на нивни пријатели и познајници тој да се обнови како семакедонски, и тоа со сите детали што ги запишал биографот на Александар Трети Македонски, Квинтиј Куртиј Руф; со разни манифестации, културни приредби, спортски натпревари и воено дефиле. Дури изразија подготвеност да се стават на чело. Зашто, спротивно на митот, нивната љубов е среќна, особено кога на некоја искачена планина ќе пронајдат извор, ќе потонат во страст крај бистар поток или ќе залегнат во полско цвеќе.

Сѐ знаат за Ксантика:

Празникот Ксантика бил поврзан со зголемувањето на аголот на паѓањето на сончевите зраци, со зголемувањето на светлината и времетраењето на денот, но и со почетокот на пролета -летната сезона во годината, цутењето на пупките на дрвјата и започнувањето на земјоделските работи.

Божицата Ксантија била прекрасна и обожувана од Античките Македонци; на нејзиниот празник тие ги измивале душите, си ги простувале гревовите, ја отфрлале негативната енергија и меѓусебно си дарувале црвено-бели мартинки, исплетени плетенки од бел и црвен конец; белиот ја искажува невиноста односно чистата љубов и е симбол на белиот делфин во Егејското Море, божјиот дар според кој е и називот Беломорска Македонија, а црвениот будење на животната енергија. Особено им е впечатливо сознанието на видни учени дека Античките Македонци знаеле за духовната моќ, моќта на мислите и за силината на простувањето, но и за нивниот идентитет и нивната етничка припадност.

Жените и мажите, младите и старите ја истакнувале облеката исткаена и исплетена додека траела зимата. Ги ставале на вратите, прозорците и оградите. Жените и девојките правеле цветни ѓердани со кои си ги украсувале косите, а мажите црвено-белите плетенки ги врзувале на ремените или појасите. Децата ги носеле како белегзии на рацете. На коњите и на јагнињата им се правеле црвено-бели буфки. Се ставале и на оралата, јаремите, на крблата за молзење млеко.

Од исткаената и исплетената женска облека најзабележителни биле долгите и широки фустани за на оро, наречени ајти, како и кошулите, прегачите и муфеските со разновидни украси, везови со живописен колорит. Од машката, пак, шеритот (појас), што се сметал за симбол на машкоста, потоа хламидата (наметка) и богато извезената и накитена кошула. На главата носеле бели ленти или каусии (капи со широк круг).

Во „Зборникот на Миладиновци“:

„Денот спроти Марта сучат црвено и бело предено и утрината го клавает на децата на грло, на р’це и нозе за здравје. Тие се викает мартинки, и со нив в Струга стретват ластоиците…“.

Македон, Ксантиjа, Дон и Роза знаат и за одењето во војна на македонската војска, и тоа на сите триесет и шестмина кралеви и цареви, од Каран до Персеј. Имено, таа заедно со народот го празнувала празникот Ксантика триесет дена. Значи, се чистела од негативната енергија насобрана во зимскиот период, се подтотвувала психички за победи, но изразувала и длабока почит кон своите предци. Станува збор за своевидно ритуално магиско прочистување на војската предводена од кралот, во особено свечена атмосфера, при што таа поминувала помеѓу две половини од жртвувано куче. Во парадата кралот бил придружуван од семејството, хетајрите и македонската војска. Потоа следела необична миметичка игра-борба меѓу две завојувани страни.

Потврда е славната битка кај Херонеа, во Беотија, во 338. година пред нашата ера, во која Филип и неговиот син Александар, со триесет и двеилјадна македонско-тесалиска војска им го нанеле најголемиот пораз на предците на денешните Грци во нивната историја. Со Коринтскиот договор тие се обврзале на доживотна покорност. Психичката подготвеност на војската била особено докажана во битката кај Гавгамела, во која Македонците се бореле со Персијците, при што односот на силите бил 1:17! Секако една од најнерамноправните битки на Македонците во светската историја.

Американскиот професор Јуџин Борза и британскиот научник Николас Хејмонд ја спомнуваат Ксантика како посебен празник на кој Античките Македонци им оддавале особена чест и на починатите македонски цареви. Тоа го правеле во завршните свечености на празникот, кога во свечената поворка во македонската престолнина Пела се изнесувале златната дијадема, воената опрема, оружјето, царскиот дневник и други воени трофеи на секој починат цар во посебни возила.

Траги од ова древно празнување денес има во празнувањето на Прочка, Цветници, Младенци, Лазарица, Тодорица, Летник и Благовец. Мошне се присутни во народните ракотворби, изворноста на македонскиот вез, во песните, ората и звуците на народните инструменти.

Сите заедно исплетоа недоброј мартинки со кои ги изнакитија овошките во малиот овоштарник зад приземната куќа, потоа вратите, прозорците, ходникот, собите, дрвеното предворје.

И насекаде околу нив изнафрлаа секакво мартовско полско цвеќе.

Leave the first comment