БЕЗБЕЛИ, НА НЕБО ВЕТЕР ФРЛА ДЛАБОК ЗДИВ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

95. За кого било пишано

Секое утро некое пладне
некогаш квечер
гледам и следам како полека
настојчиво незапирно
нескротливо
се излева реката
на мојот здив и воздив
како ги поплавува
ги покрива ги тоне
бреговите на годиниве
и зборовите
од заборавени песни
сосе сомнежот
сосе сонувањето
дека што било допрва
ќе се случи
по мене без мене

јас не знам за кого
нешто ќе остане
ако останало
во свеста за минато
изминато
и сегашно што минува
како семе за нов род
во превртена земја
оставена за вратени
со векови вкоренети

а не знам ни зошто
да знам
за кого би можел
да останам
во сенката на огништево
над бреговите
на моиве
преуморни години

 

Leave the first comment