МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

18. Прстен

Прстенов што го чувам во ковчеже со клучалка среде шеснаесеткрако сонце е од дамнина, од мој далечен предок. Мој е и на моето потомството-синот со кој живеам во семејна куќа. Не е за носење на прст, голем е, тежок, златен, со изгравирана потковица на средината.

Заветот, што не смее никој наследник ни да помисли да го крши, е да се чува и да не се оттуѓува поради што било.

Мене ми го предаде татко ми кога беше на умирање, со кажување што ми се врежа длабоко, неизбришливо во паметењето:

„Синко, ти го предавам прстенов на чување зашто ти го продолжуваш опстојот на нашето семејно стебло. Бесценет е и безвременски. Одвреме-навреме вади го од ковчежево и изложувај го на сонце за да впие сончевина, да си ја обнови енергијата и да си го продолжи спокојното траење.

Малку знам за него. Има една легенда што се пренесува од колено на колено. Вели дека го направил наш далечен предок и го носел околу вратот на златно синџирче. Откако син му пораснал и станал воин, му го дал пред одење во бој, како амајлија што ќе го штити и ќе го врати жив и здрав. Тој, пак, го искажал своето јунаштво во многу битки. Имал многу лузни по целото тело. Бил убеден дека сите рани му заздравувале брзо, по нив останал жив и здрав најмногу благодарение на прстенов. Го пренесувале на чување оние наши предци што го продолжувале опстојот на нашето семејно стебло, со потковица на средниата како знак на препознавање“.

Одвреме-навреме го вадам од ковчежево и го изложувам на сонце. Впива сончевина, а потоа потковицата блеснува.

Leave the first comment