20. Ноќен сомнеж
Сомнеж не ми дава да заспијам
до ниедна доба на живот
кој и пустошна распукана земја
плодна ја прави
за семе живородно,
животворно;
дали ќе има љубов неугаслива
што да ја обземе,
што да ја опчини,
што да ја одбрани од наезди
на секакви крволоци,
на секакви грабливци,
на секакви напасници.
Сомнежот ми е
како болештина која
штотуку навлегла во свеста
и почнува да глаголи
како скоро ќе заигра
некое безумно ветриште
во круг;
во кој ќе ги прибере
сите што ја запустувале,
што ја оставале гладна и жедна,
врела и ледена,
распарампарчена, растргната,
па ќе ги скамени мигум
малодушни и бесцелни;
за никој никогаш да не узнае
кои биле, кога биле,
ни зошто огнови до небо
совреме не распалиле.