15. Кловн
Ни дојде на гости само еднаш. Прво тој, а ден по него циркусот во кој, се уверивме уште на првата претстава, имаше мошне важна, ако не и најважна улога. Како секој друг циркус што ни идел на гости во изминативе години и децении, и овој имаше секакви животни и луѓе; од најмали, одвај видливи, речиси незабележливи, па до најголеми, извишени, грамадни и впечатливи. Но за разлика од другите, овој имаше само еден кловн. Го имаше само него.
Беше средовечен, висок и дебел. Облечен вообичаено за кловн: широки, пругави, црвено-жолти пантолони со трегери, зелена кошула без ракави, бела марама околу вратот, црн цилиндар и големи црни чевли.
Од неколкуте точки што ги изведе за смеа на публиката-со неколку мајмуни, огнени обрачи, разнобојни големи и мали балони, две бели пудлички и на трамбулина, во сеќавање ми се врежани неговите лица што ги менуваше мигум. И ден-денес не ми е јасно како успеваше да ги менува од никого забележливо! Притоа, задржувајќи ги знајните кловновски црти-големите очи, румените образи, нацрвената уста и високото набрчкано чело.
Лицето на кловнот беше ту смешно, ту весело, ту плачливо, ту болезливо, ту болно, ту загрижено, ту рамнодушно, ту грдо, ту исплашено, ту покајничко.
Разбрав дека починал во длабока старост.