Има нешто судбинско – егоизам, избор и митот за Едип

Симболичен пат што се разгранува во светлина - метафора за изборот наместо судбина

Судбината обично се дефинира како вкупност од настани што му се случуваат на човекот, ако тие без негова волја и можност да ги промени имаат кобно, трагично значење за целиот негов живот. Така стои во речниците, така се учи, така се пренесува од генерација на генерација. Во поширока смисла, судбината знае да се изедначи и со самиот животен тек – со историјата на еден човек, па и на еден народ, како да сме однапред одредени за некаква мисија што мора да се исполни.

Судбината има и други имиња – фатум, коб, лоша среќа, несреќа. Фатален – судбоносен. Фатализам – верување во судбина, препуштање на текот без отпор. Ако сакате формално и поимно објаснување, доволно е да го погледнете значењето на зборот „фатализам“ на пример во Britannica – fatalism или во некој филозофски речник. Но јас не сакам само поим. Сакам став.

Јас не верувам во судбина. Не затоа што сум сигурен дека светот е праведен, туку затоа што не дозволувам некој или нешто да ми ја крои сегашноста, уште помалку иднината. Сѐ е во мои раце. Сѐ што сум можел да предвидам – сум предвидел. А она што ќе ме начека, што ќе ме удри неочекувано, го разбирам како лична неподготвеност, како недомисленост, како нешто што јас не сум успеал навреме да го видам. Нема ништо судбинско ниту во животот, ниту во она што него го негира или препознава. Има избор. Има одговорност. Има карактер.

Митот за Едип – пророштво или егоизам?

Др. Душан Пајин, професор по филозофија на уметноста и естетиката на Универзитетот на уметноста во Белград, во книгата „Отелотворување и избавување“ го анализира митот за Едип на начин што ме натера повторно да размислам. Митот, познат уште од Софокле – „Едип крал“, најчесто се толкува како трагедија на судбината – пророштвото мора да се исполни, колку и да бегаш од него.

Прочитај и за ... >>  Кавал - звукот на здивот и самотијата во македонската традиција

Но Пајин вели нешто поинакво. Судбината на Едип и неговите родители не е одредена со пророштвото, туку со базичниот егоизам. И Едип и Лај, водени од сопствениот егоизам, постапувале така што последиците го исполниле пророштвото кое – делумно – однапред го знаеле.

Исплашен за сопствениот живот, Лај штотуку родениот Едип го оставил во планината да умре. Да не се исплашел, да не го водела грижата за сопственото спасение, пророштвото можело да остане само збор. Подоцна, кога татко и син се среќаваат во клисурата, тие не се препознаваат. Се судираат како странци. Таа сцена е опишана како судир на две надмености – одбивање другиот да му се тргне од патот.

Во тој час, двајцата можеле да ја победат судбината. Доволно било еден од нив да попушти. Но сопствената надменост станува извршител на пророштвото. Тука веќе не станува збор за некаква космичка нужност, туку за човечки карактер.

Она што често се нарекува „Едипов комплекс“, термин воведен од Сигмунд Фројд, не мора да се чита како потајна желба да се убие таткото и да се присвои неговата власт. Може да се чита како нешто многу попросто и многу пострашно – базичен егоизам. Противникот не мора да биде таткото. Може да биде синот. Може да биде секој. Може да биде целиот свет.

Прочитај и за ... >>  Активноста на Сонцето го менува времето на Земјата

Најтрагичниот лик во тој триплет е Јокаста – губитник без видлива вина. Таа е жртва на туѓи стравови и туѓа надменост. И ако има нешто судбинско во таа приказна, тогаш тоа е човечката неспособност да се надмине сопственото его.

Каменчињата на Богомил Ѓузел

Современиот македонски поет Богомил Ѓузел, во песната „Судбина“, пишува за можноста таа да се совлада. Го фрлаш на зарамнето место три каменчиња. Можеш да одбереш само едно. Го земаш најблескавото, а тоа да ти било коска од предокот – зарче изгланцано до толку што, колку и да го фрлаш, секогаш се покажува себе – постојана нула.

Сега би сакал да ги видиш пак другите две камчиња. Се враќаш на плажата, но тие веќе се помешале со безбројното мноштво, со безличниот грагор. Земаш било кои од нив – твојата единствена сопственост – и оживи ги ако можеш, во свои сопствени јајца.

Во таа слика има нешто болно вистинито. Често го избираме најблескавото, она што изгледа сигурно, традиционално, наследено. А токму таму се крие повторувањето – нулата што постојано се враќа. Судбината можеби не е нешто што ни е дадено, туку нешто што го повторуваме.

Јас не бегам од зборот „судбина“. Само одбивам да го користам како алиби. Ако има нешто судбинско, тогаш тоа е нашиот избор да не попуштиме, да не признаеме грешка, да не го оттурнеме сопствениот егоизам. И ако има нешто што може да се совлада, тогаш тоа е токму тоа.

Ништо не е запишано однапред. Сѐ се пишува – одново – со секој чекор што го правиме.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.