СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Немошен, поетска студија за беспаќата во човекот

Потребно време за читање: < 1 минута

82. Помирување

Наеднаш се будам
пред да потонам
во некој заумен свет;
крај оган нечуен
и невидлив за сите
што не ја доумуваат
вистината
за несонот на ближни;
далеку од спокој
животворен.

Облаци го покриваат
небото над мојот
неминовен замин;
надојдоа несетно,
заедно со змии отровници,
заедно со гладни волци;
ќе да се со наум конечно
да ми избришат трага
на какво годе
мое постоење.

Макар во голи карпи,
ветришта и луњи,
макар помирен
со ништење на опстој
до голи коски.

Наеднаш буден
и немоќен,
пред да потонам
во некој заумен свет,
почнувам да создавам
зборови и гласови
за тажачка песна;
дека скоро ќе ме нема,
дека некогаш сум бил.

Се откривам помирен,
рамнодушен,
помеѓу лица без маски,
во игра на неизвесност,
едновремено
на самодокажување.

Дали тоа ми иде
конечен пораз
од еден здив,
сосе корен оболен
до сжрта, до смрт?

Станувам и излегувам
стамено
пред насобрани кои
сѐ уште не ја чуле,
сѐ уште не ја знаат,
сѐ уште не ја разбираат
песната на славејот
што ја пее кога веќе
нема сила да прелета
бедеми безвременски.

Прочитај и за ... >>  СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Неволен, поетска студија за беспаќата во човекот

Веќе ништо не е
толку далеку од мене,
помирен со сѐ
што гасне, пресушува
немее и исчезнува.

Leave the first comment