(Ла Бриер: „Карактери“, „Дерета“, Белград, Фототипски изданија)
„Убавото лице е поубаво од се што може да се види, а најпријатна хармонија е звукот на гласот на онаа што ја сакаме“.
ххх
„Жената кај човекот кого повеќе не го сака заборава се, освен оние нежности што тој од неа ги добил“.
ххх
„Има малку тајни љубовни врски; многу жени се помалку познати според името на своите мажи, отколку според името на своите љубовници“.
ххх
„Жените одат во крајност; тие се подобри или полоши од мажите“.
ххх
„Повеќето жени немаат многу начела, тие се поведуваат по срцето, а нивниот морал зависи од оние што ги сакаат“.
ххх
„Жените одат подалеку во љубовта од повеќето мажи; но мажите ги надминуваат во пријателството“.
ххх
„Мажите се причина за тоа што жените меѓу себе не се сакаат“.
ххх
„Мажот подобро ја чува туѓата тајна отколку својата родена; напротив, жената подобро ја чува својата отколку тоѓата“.
ххх
„Зарем не може да се пронајде вештина мажот да го сака неговата жена?“
ххх
Наведениве мудрости за жената и мажот не се мои, туку на еден голем мудрец кој живеел пред три века и е прочуен според една единствена книга која носи наслов „Карактери“. Се вика Жан Де Ла Бриер и за него се знае сосема малку:
Роден е во 1645. година во Париз, во скромно чиновничко семејство. Бил човек со слободен дух, живеел повлечено, набљудувајќи го светот околу себе и бележејќи ги своите впечатоци. Скромен и чесен филозоф кој се што видел и почувствувал околу себе го прикажал во делото што се појавило во 1688-та, под скромен наслов: „Теофрастови карактери“.
Успехот на ова дело го натерало Ла Бриер да допишува се нови и нови мисли и куси записи, така што нивниот првобитен број- 418 пораснал на 1.120. За успехот говори тоа што три негови изданија излегле во текот на првата година, потоа секоја следна по едно: девет за осум години, до писателовата смрт, не сметајќи ги изданијата печатени во Лион и Брисел.
Ла Бриер умрел во 51-та година од животот, во 1696, три години по влегувањето во Академијата.
Во своите „Карактери“ тој го дефинира човекот во сите негови животни ситуации и реакции.
Во неа прецизно се „насликани“ портрети на типови и карактери во неговото доба, а кои се, всушност, на сите времиња“.
Во книгата ќе сретнете многу мисли, вистински бисери на мудроста за духовните дела, за личната вредност. Во одделни поглавја се обработени и темите „За жените“, „За срцето“, „За општеството и однесувањето“, „За благодетите“, градот, дворот, за големците, владетелот и државата, за човекот воопшто, расудувањето, модата, некои обичаи.
Во поглавјето „Проповедница“ авторот ги подведува на критика проповедите во тогашната црква, прикажувајќи разни видови на беседници: „слаткоречив, кој е без вистинско христијанско вдахновение и достоинство; ситничар, кој не опсипува со грчки и латински цитати; премногу вешт сликар на нашите пороци, кој како да сака да го пофали она што има намера да го понуди; најпосле, ревносен дворјанин кој е готов да го потчини Бога на најмалиот големец за да го понижи пред неговото суштество“.
Книгата на Ла Бриер „Карактери“ не е од оние што ќе се прочитаат и потоа се оставаат во библиотеката за којзнае кога повторно да се земат в раце. Таа е од оние што мкжат и треба да бидат наш постојан придружник.