23. Сенки танцувачки
На полноќ меѓу живост и рамнодушност се собрале околу распален огон човечки сенки ослободени од луѓе по долги војувања со премрежија и неизвесности. Досега не бев видел собрани толку многу сенки без луѓе.
Внимателно, да не ме забележат, задскривајќи се меѓу грмушки, трње и стари дебели и голи дрвја, им се доближив доволно близу за да не ми се гледаат сите исти, за да ги гледам долги и кратки, големи и мали, дебели и тенки, со лица и без лица, со голи тела и нагрнати со долги црни гуњи.
Забележав дека распалениот огон околу кој се беа собрале фрлаше искри кон небото, па полноќта изгледаше како во неа да играат своја игра светулки во мрачнина. Некоја од нив одвреме-навреме го разгрнува жарот? Можеби, не знам. Тоа не го забележав за цело време додека го гледав и следев нивното танцување. Сенките танцувачки почнаа да танцуваат секоја свој за мене непознат танц. Во тишина, во молк околу распалениот огон. Како секоја да слуша посебна музика за свој посебен танц. Но, за мене тоа не беше ни малку изненадувачко. Во последно време сум се изнагледал сенки како танцуваат секоја одделно, а одамна не сум видел неколку или многу да танцуваат заедно, еден ист танц. Ме изненади нешто сосема друго, повеќе изненадувачко одошто ненадејно:
Нигде, во близина и подалеку од мене и од сенките, не можев да здогледам човек! Просто незамисливо: сенки околу огон танцуваат секоја свој танц на полноќ меѓу живост и рамнодушност, а ни шум камо ли глас или барем силуета на макар еден човек. Како е тоа можно?! Човечки сенки ослободени од луѓе, како да не биле, не се, ниту некогаш пак ќе бидат со нив, за нив, пред нив, крај нив!
Ги оставив сенките танцувачки да продолжат да си ги танцуваат своите лични танци, а оттогаш досега и сега не можам да си одговорам на прашањево:
Знам дека човекот не е човек без своја сенка, таа нему му е второ, некогаш дури прво Јас, знам и за сенка од човек, но како може човечка сенка да се ослободи од човек и да танцува свој танц меѓу живост и рамнодушност?