ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 10

Потребно време за читање: < 1 минута

10. Природен приказ

Реши сликар да наслика на бело платно жива природа од еден до друг нејзин миг. Реши откога ги согледа нејзината егзистенцијална стаменост, нејзината живост и нејзините четири годишни доба кои веќе подолго време како да се сведуваат на две долги-пролет и есен и две куси-лето и зима. Им ги согледа смислата, содржината и формата, притоа заклучувајќи дека од еден до друг миг живата природа станала мошне зависна од човекот, најпрвин од неговото однесување спрема неа. Тоа треба да го нагласи? Не исто како нејзината и неговата просторно-временска граница на самостојност, наспоредно со динамиката на нивната меѓузависност.

Реши сликарот да ја наслика живата природа со основните маслени бои, а нијансите да ги потенцираат врзивните ткива меѓу двата мига. Со доминација на црвената, сината, светлосината и црвено-жолтата. Миговите со црна, како црни точки.

Сликата ја работеше во творечки грч, со енергија во него како распламтен оган. Ја наслика за едно деноноќие. Во самост и тишина, затворен во неговото ателје.

Ја гледаше долго занесено, задоволно, по малку восхитувачки. Не симнувајќи го погледот од неа ја повика својата љубена, неговиот прв и најголем критичар, да го каже својот првичен впечаток.

Таа влезе. Сликарот, нејзиниот љубен не беше во ателјето. Прво го прифати тоа како негова игра. Си играл така со неа и порано по создавање на некое негово дело. Почна и да го довикува, но тој ни со шум не се одзиваше. Се исплаши дека нешто му се случило. Не можеше да домисли што.

Застана пред платното со насликана жива природа. Се успокои кога го здогледа на неа, меѓу светлосина и жолто-црвена трага на корито на одамна пресушена река. Се поздравија со благи насмевки.