ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 9

Потребно време за читање: < 1 минута

9. Продолжен живот

Успеа да продолжи живот пред самото негово завршување, пред неговиот последен издив. Со верба во него, со жртва и саможртва. Одамна се знае како е тоа можно, а можното го учеше, го применуваше и го надградуваше низа години. Со продолжувањето живот, прв и секако уште многу други по него, си докажа на себеси едновремено докажувајќи им на сите со него: дека во борбата за живот најпрвин треба ризикот да се сведе на минимум, па потоа таа да се почне посветено, концентрирано и доблесно.

Го прашаа не чиј, не кој и не колку живот успеа да продолжи, туку каков. Имаше однапред подготвен еден одговор:

„Продолжив човечки живот со смисла и цел. И личен природен, и природен меѓучовечки. Живот со голем опит, длабока умност и каков што му прилега. Живот стамен и силен, со разбирање и поткрепа од блиски сопатници“.

Непотребно, дури непристојно прашање за него:

„А како го продолживте?“

Одговара:

„Го ослободив телото од тешка болештина која се закануваше да се прошири, дури да му го зароби и смртно да му го загрози крвотокот. Не барајте детали, нивното откривање од мене би било најпрвин неетичко. Не сакам повеќе да кажам, освен уште дека продолжувањето на животот е временски ограничено и обусловено од опкружувањето. Посебно ја нагласувам неопходноста од надвладување на творечкиот дух и вредносниот критериум над материјалната зависност“.