ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 6

Потребно време за читање: < 1 минута

6. Незадоволство

Тој е незадоволен и од себеси и од она што го создал досега. Неретко е незадоволен и од она што го создава, па тогаш создава неуморно, без здив, некогаш со неброени денови и ноќи. Да, станува збор за поттикнувачкото творечко незаводолство, еднакво или на исто рамниште со творечкиот сомнеж.

Интересно е дека неговото незадоволство е само негово во самотните твореки часови, минути и мигови. Во секое друго време што не е негово, а во кое е, тоа е секако заедничко, споделено. Што значи тоа? Тоа значи дека секој пред негово или негови дела, како и секој што восприма едно или повеќе истовремено, точно го забележуваат, го препознаваат, го издвојуваат, го доживуваат и преживуваат незадоволството. Кое ги привлекува и ги оддалечува од една страна, а од друга ги предизвикува да реагираат дури бурно; со него да се расправаат, да полемизираат, да му докажуваат дека можел да придодаде нешто, особено од неговиот личен и неповторлив креативен печат. Познат им е, знаат што сè тој содржи, што е на него суштествено а што маргинално, и оти мора да биде пред сè друго; пред предизвикот и пред инспиративниот агенс, пред мотивот и пред темата, пред приказната и пред избраната гледна точка. Најмногу неговиот говор.

Тој сепак успева да го ограничи незадоволството, да му ја намали силината со затврдениот став дека секое негово дело е отворено. Тоа значи дека може да се наврати на него во кое било негово творечко време за да го дополнува и надградува, да го доработува и преработува. Напоредно со создавање ново. Тоа им го повторува често на оние што биле, што се со него, што навлегле во него, што веќе го прифатиле како свое.