ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 33

Потребно време за читање: < 1 минута

33. Мрачнината

Таа е пред сончевина кога трае долго, та предолго, кога е густа како смола или исткаена од непробојни и неискинливи нишки како пајакова мрежа. Таа е пред сончевина кога трае предолго, кога е веќе неснослива и кога задушува живот. Таа е пред сончевина кога навалува со безнадежност, кога натура слепота и кога почнува да завладува со бесмислена студенина.

Мрачнината е во рамновесие со сончевината кога е еднаква со неа според силината на своето време, кога е наспоредна според ритамот на природата и кога е во одбрана на спокојот на животот. Мрачнината е во рамновесие со сончевината кога му е предадена на човекот за сонување, кога е со него во неговата интимност, кога е подготвена за момент на вистина и на будење со самосвест, и кога е преуморна од сопствениот длабок молк.

Мрачнината е по сончевината откако животворноста на сончевината по голема, та преголема неизвесност, заедно со сомнение, одново ќе се докаже себеси во дело, во дела, во нова духовна енергија.