ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 32

Потребно време за читање: < 1 минута

32. Рамно

Рамновесно, рамносилно, рамногласно, рамноправно, рамнозначно, рамнообразно, рамнодушно. Рамнодушно најчесто најпрво, а последно кога најсетне е сè рамно.

Добро е сè пред него да се согледа во стварноста и заумноста, по можност моментни, но само доколку има уште време за темелност.

Можеби е нужно некои да се изедначат меѓусебно. На пример рамновесното и рамнозначното или рамнообразното и рамногласното. Изедначувањето некако само по себе се наметнува меѓу рамносилното и рамноправното. Притоа: рамновесното и рамнозначното имајќи ги предвид откриените и осознаените состојби, сосе потребата од нивно менување; рамнообразното и рамногласното да се доведат до точка на целосна согласност дека конечно треба да се дејствува, работи и создава; а заеднички именител на рамносилното и рамноправното да биде сплотеност,  страст и енергија на духот.

Меѓутоа, суштествениот проблем сепак не се наведените примери, поточно можности на изедначување затоа што сите тие имаат еден ист составен дел во себе: рамно. Суштествениот проблем и на стварноста и на заумноста, како и меѓу стварноста и заумноста е рамнодушното. Баш како што е веќе нагласено: најчесто најпрво, а последно кога најсетне е сè рамно.

Ние сме во пустошија, ние сме голи, боси, гладни, жедни, јадни и страдни во неа. Ние стоиме во место зашто сме веќе немоќни да направиме макар чекор напред, кон распаќе одвај видливо во далечина.

Ние сме во длабок мрак од залез до пред изгрев на саможртва.