ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 2

Потребно време за читање: < 1 минута

2. Ни мрава не згази

Го знаев човекот. Ни мрава не згази во животот. Бевме многу блиски. Споделувавме многу во животот, а мојата и неговата врвица често беа наши. Неретко ме предупредуваше додека одевме заедно:

„Внимавај пред тебе и каде газиш. Особено ако некој застане среде врвицава или ако ја пресече, а е речиси невидлив. Остави да си продолжи кон целта. Не се обидувај да дознаеш која му е…Сè живо има своја цел во животот. Која може да биде заедничка, но ако не е можеби не сака да ја сподели со никого… Нема ништо ни да изгубиш ни да изгубиме ако почекаме да мине. Знае оти врвицава не е негова. Да е, би бил на неа од почеток или ќе ни се придружеше досега“.

Сега, откако ме напушти ненадејно, ненајавено отиде во неврат, откако сам газам по мојава и нашата врвица среде неа ми застануваат или ми ја пресекуваат секакви бубалки и животинки. Најмногу мрави. Најверојатно поради годиниве кои сè повеќе ми го забавуваат чекорот. Најмногу внимавам да не згазам некоја. Се трудам да бидам како него, додека бевме заедно. Ни мрава да не згазам.

Чекорот ми е сè позабавен. Едно поради годиниве, а друго оти од ден на ден на врвицава застануваат или ми ја пресекуваат сè повеќе секакви бубалки и животники. Најмногу мрави.

Скоро ќе морам да застанам, да не можам ни еден нов чекор да направам? Скоро ќе ја напуштам мојава врвица? Скоро ќе немам моја?