ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 17

Потребно време за читање: < 1 минута

17. Луѓе и луѓе

Се собрале луѓе и луѓе од природна средина и неприродна околина, секој слушајќи го сопствениот глас. Гласовите што долго време им доаѓаа од секаде, од сите страни, заедно решија да не ги слушаат бидејќи не само што не беа доволно јаки, доволно убедливи, туку и не беа доволно поттикнувачки, доволно мобилизирачки. Повеќето од нив дури веќе не се гласови, туку лажни повици како последно предупредување дека е крајно време да се соберат во одбрана на живот споделен рамномерно со годишните доба, жештините, студенините, светлините и мрачнините.

Луѓе и луѓе како луѓе. Едни мали, други големи, едни наземи, други на нозе, едни примери, други беспримерни, едни личности, други безлични, едни достоинствени, други понизни, едни именувани, други безимени.

Се собрале луѓе и луѓе во еден голем заеднички круг, та не што не може, туку ни да помисли некој да излезе, да се издели, поготово не да се покаже каков што бил или се мисли дека е. Пред нив сите годишни доба, едни по други и едни крај други. Како да се подготвени во секој момент да се измешаат меѓусебно, па да навалат на нив. Пред нив жештини и студенини подготвени заедно ненадејно да навлезат во нив, во нивните крвотоци и нивните коски. Пред нив светлини и мрачнини кои ги беспокојат, поради кои се будни деноноќно и веќе уморени, веќе премалени.

Собраните луѓе и луѓе го слушаат сопствениот глас на свои нозе, исправени, со кренати глави. Кој им вели дека е дојдено време на обезглавување, обезименување, обездомување, обезнадежување, обезвреднување, обесмислување, обесплодување, обессилување и обезумување на нивниот свет.

Луѓе и луѓе во круг на пустошна земја, каменита, отруена.