54. Љубов и Слобода
Љубов и Слобода се одамна заедно. Долго се запознаваат меѓусебно и велат дека меѓусебно не се познаваат доволно. Токму тоа најногу ги предизвикува да бидат неразделни. А кога од кои било причини малку или многу време мораат да се одалечат еден од друг, постојано се во врска. Дури следат меѓусебно во чекор.
На оние што ги познаваат Љубов и Слобода, ги има многу на број, најинтересни им ае токму запознавањето и познавањето. Прво затоа што обајцата тврдат дека се познаваат меѓусебно, но не доволно, притоа не обидувајќи се да одговорат што за нив би било доволно, а второ се мошне убедливи кога објаснуваат колку не меѓусебното познавање, туку постојаното меѓусебно запознавање им ја зацврстува и истовремено им ја продлабочува врската. Од друга страна, пак, и меѓусебното познавање и меѓусебното непознавање за нив значи затврдување на нивната близост, искреност, дури сопатништво. Најмногу затоа дури споделувањето им е суштествено за заедничкиот живот.
За едно од последните меѓусебни запознавања на Љубов и Слобода посведочува нивната заедничка најдобра пријателка Лична:
„Тие меѓусебно никогаш не се познавале, ниту се познаваат доволно. Особено кога нивниот заеднички живот е поврзано со, јас би го нарекла зависен од затврдувањето и одбраната на нивните личности. Би додала дека токму затоа што и тој и таа се јаки личности, независни, самобитни, со интегритет и докажан идентитет, не само што немаат доволно време за меѓусебно запознавање, туку и не сакаат сосем да се запознаат. Како да се плашат од нивното заедничко време потоа, откога ќе престанат меѓусебно да се запознаваат.
За некои е, но за мене воопшто не е необично како им оди меѓусебното запознавање. Накратко тоа е вака: Љубов бара од Слобода или Слобода посакува од Љубов нешто вредно и убаво што, како што се убедени обајцата, ќе го збогати нивниот светоглед; Слобода на Љубов ѝ купува нечие дело, какво било, во кое видно пулсира енергијата на неговиот творец, а Слобода од Љубов добива како подарок песна без зборови. Необично? Може да е, но не е како дел од нивното меѓусебно запознавање. Имено, делото со енергијата на неговиот творец Љубов го прима како досега недокажан дел од вредносно-естетскиот критериум на Слобода, а за Слобода песната без зборови значи дека Љубов ја докажува неискажливоста на нивното постоење меѓу стварен и заумен свет.
Има ли нешто што не е дел од нивното меѓусебно познавање или нешто меѓу нив што не ни помислуваат да го запознаат? Јас, нивната најдобра пријателка Лична, знам само за едно. Ми го имаат нагласено и таа и тој како лична тајна. (Знаат дека тајната е тајна сè додека не се сподели со друг, но ми веруваат дека јас никогаш никому нема да му ја откријам.) Како прашање без одговор: дали љубовта на Љубов спрема Слобода, исто така љубовта на Слобода спрема Љубов, заедно со нивната заедничка љубов им се први или последни? Само едно ќе додадам: таа нивна тајна нема никаква врска со нивниот заеднички живот“.