42. Лично време
Вели дека нема едно време за сите, ниту време што се дели со други. Вели дека најпрвин секој има свое лично време, а потоа дел од него се поврзува со друго, со на друг; намерно или ненамерно, предвидено или ненадејно. Вели дека не вели ништо ново кога вели дека и времето на природата со своите четири годишни доба не е време за сите. Добата, пак, не се различни само оти се поврзани со страните на светот и климатските промени, туку и со личните расположби. Во таа смисла е сосем погрешно времето на природата, без оглед какво е, да се назначува или именува со невреме.
Јас не му противречам. Се разбира дека вообичаено се согласувам со многу речено од него за времето, а се разбира вообичаено и не со понешто. Само го поттикнувам да ги издели и да даде свое толкување на дваесет и четирите часа, детерминирани со траењето на едно деноноќие. Му забележувам и на свесното или несвесното одбегнување да каже што било за времето симболички, метафорички, користејќи стилистичка категорија; зошто не и за неговата филозофска, естетска, па и етичка димензија. Само се поднасмеа, нагласувајќи дека човек не мора да има ни малку „поетско“ во себе за да го опее во песна, да го „исфилозофира“, да го „истретира“ естетски или етички. Притоа, треба да ја има „свесноста“ за времето најпрвин како лично, а потоа како негово поврзан со друго односно со на друг.
Што се однесува на дваесет и четирите часа, детерминирани со траењето на едно деноноќие, станува збор за ритам на човечкиот живот и неговиот опстанок. Просто е невозможно човекот да биде буден без престан. Може едно, две, три деноноќија, но веќе по првото губи дел, по секое наредно дел по дел од себеси. За најсетне ни да го препознаваат како човек ни да се препознава сам себеси како таков. Сакам да речам дека како такво-што трае дваесет и четири часа просто му се наметнува на човекот не со своето траење, туку со својата минливост. Да, суштествено за времето е неговата директна и индиректна обусловеност од соживотот на сите земни животи. Меѓутоа, исто така суштествени се денот и ноќта посебно, со своите посебности и нивното целосно или делумно изразување. Имај предвид дека како дел од личното време денот трае повеќе или помалку од ноќта. Како делови од полнотата на животот и создавањето.