ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 35

Потребно време за читање: < 1 минута

35. Човек со сенка во круг

Се покажува и се потврдува дека човек не е човек без своја сенка во свој круг. Човек како човек само со своја сенка во еден круг.

Не може во на некој друг? Може, ама не како човек. А и неговата сенка не може да биде сенка. Дури ни само негова. Не може он и она во круг на друг човек? А зошто ако имаат свој? Може и треба друго: луѓе со свои кругови едни до други, едни крај други, па и едни по други. За заедничка цел, за заедничко патување низ животот со љубов и меѓусебно разбирање.

Уште нешто мошне важно:

Каков круг? Мал? Голем? Различен од секој друг? Единствен? Со заеднички моменти и елементи на друг или на други?

Најпрвин лесно согледлив, осознавачки, своевиден и препознатлив. Што значи сосема или во најголема мера автентичен. Што значи идентитетски. Сеедно мал или голем. Тоа зависи од големината, видноста, авторитетноста, дејствителноста, творечката енергија…од вредноста на личноста на човекот. Единственоста со внатрешната сила, изворна и собрана како искуство, знаење и опитност во него. Но и со неповторливоста. Што се однесува на заедничкото со круг на друг или со кругови на други, тоа е само за блискост, доближување. Па и за меѓусебна соработка, па и за содружништво, па и за споделувачко време.

Круг на човек сосе негова сенка во него. Никако поинаков, никако поинаку. А може тој и таа без него? Или одвреме-навреме надвор од него? Зарем нема луѓе со свои кругови во еден, заеднички? Барем кога е иста замислата, иста целта, иста борбата или иста одбраната од други?  

Според моето лично знаење, осознавање и опитност-не може ништо од сето тоа. Всушност, може само кога човек со своја сенка во свој круг дури и моментно ќе престане да биде човек.