Живи бои во рамка

Препев на пев и повев

Црвена боја средишна
на сечиј живот личен,
пулсирачка, возбудлива,
која допрва ќе почне
да создава крвоток
во тело мраморно.

Жолта боја од сонце
штотуку угреано, рано,
ја обвива црвената,
да ја заштити од навала
на сенки со срца на живи
извори деноноќни.

Зелена боја од природа
дава свежест за спокој
по надминати сомненија,
на чекор од неизвесност
дали рамката на светот
ќе издржи до следна
авантура на нова рожба.

Сина боја на небосвод
и на игриви очи детски
сосе весели лица,
сосе разиграни зборови,
знаци, звуци, слова,
низ време кое штотуку
почнало да се бранува.

Бела боја што освојува
заостанат, преостанат
молк по препев на пев
и повев
создаден од луѓе кои
сè уште не се сигурни
дека ќе преживеат уште
еден прелет на бездна.

И црна боја на крајот,
маргинална, безначајна,
која полека, но сигурно
ја расекува рамката среде.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 10

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.