Жалост и патење

Потребно време за читање: 3 минути

Онемен е од жалост, а веќе почна да пати оти ја нема. Смрт или исчезнување на друшка? Не. Неизлечива болест или смрт на љубов? Можеби. Да не е поради осаменост и тишина која речиси сосем го опфатила? Поради тоа секако.

И жалоста и патењето од миг во миг растат, се засилуваат во него, стануваат сè поголеми. Незапирливо засилени.

Он и она одамна не се ни заедно ни блиски. Всушност, тоа е еднострано. Инаку речено: она во него и нему блиска, но не он во неа и нејзе близок. Обајцата знаат зошто сè до овој миг, до овој крај на исчезнување на нивното време.

Ни збор да изусти од жалост. Секој во него престорен во лелек или крик на болка. Иако знае дека патењето не го води кон ништо добро, он пати поради неизлечива болест на љубов, нејзина смрт сè уште не, а од миг во миг сè повеќе поради осаменост и тишина.

Мртвиот Мирон Думански ѝ посвети свои сè уште живи мисли на мртвата Изворка Месечева:

Во најдлабока жалост поради минати и далечни среќни деноноќија.   

Достоинствено жалење за јуначка смрт на смртен непријател.  

Неискажлива тага сокриена во човечко срце-напатена душа.

Не се обидувајте жалостен човек да го утешувате дека мора да продолжи да живее. Може да ве праша како.

Секоја трагедија е долго, та предолго траење на жалост и патење.

Тагувањето и кога зборува е без глас.

Ненадминливо тагување во тишина и самост.

Може жалоста да зависи од безнадежноста? Може од безнадежност дека веќе ништо не може да биде како што било.

Цело време внимаваше да не разжалости никого со што-годе, а сега се обидува да не се расжалости себеси до бесцелност на животот.

Ја изедначуваш тагата со ништо? Да, зашто е твојата во ништо.

Сам во тага со лузни на срцето.

Неизмерна жалост-бескрајно патење.

Тихувам во тага дека можело да има нешто меѓу нас, а немаше ништо.

Сечие патење е искуство кое најнапред нè учи да не ѝ се препуштаме на каква било самотничка мачнотија.

И жалостен сум и патам-и ти простувам.

Недоброј животи во живот, а единствена смрт.

Патам зашто не можев да го сопрам времето на твоето исчезнување.

Плачот не е слабост, туку нем исказ на јакост.

Јас не плачам дека те немам. Солзите во моите очи се простување од тебе.

Од жалост и патење гледам во мене. Престанав да гледам пред себеси.

Јас патам, а на светот грд и груб не му дозволувам тоа да го согледа.

Најмногу ме жалости надежта за нас.

Рана од жалост поради љубов не зараснува.

Мојата тага не дозволувам да излезе од мене.

Зошто не може да се разликуваат солзи жалосници и солзи радосници? Се разликуваат ли според тоа што првите се без сјај, а вторите обично проследени со смеа?

Остануваш во мојот незаборав како неизлечива рана на душата.   

Најмногу тажиш и патиш во игра на разделба со домашно огниште.

Жалиш и патиш до болка. И со неа.

Му премале снагата од тага во самотија.

Само тагата и патењето да не те доведат до очај. Во него смртта е најблиска.

Во жалост твојот свет се урива и ништи.

Со радосни мигови против безвременост на жалост? Никогаш такви доволно.

Тажен човек е еднакво голем пред други и мал во себе.

Која е смислата и колкава е силата на надежта родена од тага?

Не верувам дека една тага е споредлива со друга.

Кловновите со смешни лица насмејуваат луѓе, а со солзи од очи без сјај ги растажуваат.

Никогаш само една тага. Секогаш повеќе по една.

Знаеме ли да го разликуваме детскиот плач од тага и болка од детскиот плач од незадоволство и лутина?

И жалост и патење во цвет што венее.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 15