Митра Блажена збунето и продорно загледана во Теофил Вишен. Пладне е со високо сонце. Тие седнати во сенка на столетен даб, на почеток на густа шума, на Митра непозната. Судејќи според висината, дебелината, староста, вкоренетоста и оддалеченоста меѓу дрвјата, не поголема од метар, ѝ се чини дека во неа сè уште не стапнал човек. Штом ја доведе овде, Теофил сигурно знае дали шумата е дел од сè уште недопрена природа. До која човек уште не стасал, не почнал да ја освојува, да ја поразува, да ја ништи. Ќе го праша.
Молчат некое време, им се чини предолого, па Митра го пресекува молкот со, судејќи според неговата реакција, за него очекувано прашање:
-Пред крајот на нашата последна средба, кога разговаравме за душата во човекот, во два-три збора ми раскажа за погребувањето на некој си Стојмир…
Теофил:
-Да, Стојмир Зекманоски. Тој го признаваше постоењето на душата во човекот, а според него таа во најголема мера беше исполнета со творечката енергија. Дури ја изедначуваше со неа, но не му беше верно дека го напушта телото во часот на смртта. Всушност, не му беше сфатливо како таа може да е вечна, да продолжува да живее надвор од телото. А не веруваше во реинкарнација.
Митра:
-А кој бил тој? Некој твој близок? Има некаква врска со тебе?
Теофил низ смеа:
-Кој беше тој?…Хахаха…Тоа бев јас! Јас, Тедофил Блажен како Стојмир Зекмановски. Жив, а всушност ненадејно мртов. Се измислив себеси…Хахаха…Причина? Нема причина…Хахаха…Ти реков веќе дека сè повеќе ми слабее срцето, ама уште меѓусебно се согласуваме и споделуваме заедничко време. Тоа нема никаква врска со јас како Стојмир…Како што нема никаква врска со љубовта меѓу мене и Јована Краснова.
Пак молк некое време и пак Митра Блажена со прашање:
-Краснова не си морал да ја измислуваш. Постои, позната е, истакната поетеса и книжевна критичарка…Ја познавам лично…
Теофил Вишен:
-Не те интересира ништо за Стојмир? Па да, ти студираш филозофија, утре ќе станеш дипломиран филозоф…Не лути се де, не иронизирам. Само сакав да речам дека ти е познато измислувањето ликови во дела на творци, а во кои тие нешто сокриваат од себеси. Секако ти се познати дела со Тој наместо Јас…
Митра:
-В ред, само не разбирам зошто него го наведе како автор на „Жива мисла“. Нели е тоа твое дело? Да не криеш дека е на некој трет, четврти…
Теофил:
-Да, мое е, јас сум авторот и не треба да имаш сомнеж…А баш би било интересно одвреме-навреме да смислувам и трет, четврти…Би било интересно…Можеби ќе се наметне само по себе…
Митра:
-Не знаев дека Јована Краснова ти е пријателка и од ден на ден станувате сè поблиски, но со сè уште неизразена љубов.
Теофил:
-Да, Јована Краснова е нешто друго. Таа е што ја познаваш лично…Поетеса и книжевна критичарка…Да, со наша сè уште неизразена љубов…Мислам дека никогаш нема да ја изразиме…Ми се допаѓа тоа…Неизразена. Хм!
Митра Блажена:
-Зошто и неа не ја доведе овде?…Да се дружиме, да се запознаеме подобро…
Теофил:
-Затоа што сакам со тебе да споделам мисли за здравјето за живот. Кое најпрвин зависи од луѓето, би рекол од нивните интеракции, но со пресудно значење на хармонијата со природата…Може и да филозофираме…
Веќе не е пладне со високо сонце. Според правецот и издолженоста на сенката на столетниот даб, сигурно измина првиот попладневен час.
Митра со сомнежен глас:
-Здравје за живот. Хм!…И во филозофијата има многу промислувања и искази за здравјето во животот, со животот, од животот, сосе животот, но за живот…Интересно. Имаш нешто во твојата „Жива мисла“?
Теофил Вишнен:
-Мислам дека очекуваш…Се разбира. Овојпат ги врежав на теракотни плочки. Можеби ќе го објавам моето дело така.
Митра Блажена ги зема една по една и ги чита на глас:
Да си здрав за каков-годе живот. И за богат и за сиромашен.
Не го подредувај здравјето на ништо. Нешто со таква жртва е ништо.
Човекот сам е најголем чувар на своето здравје. Од зломислени и злодејни луѓе е најтешко да се дочува.
Може да биде неподносливо кога здравјето на телото и умот не се заедно.
Биди секогаш поздрав одошто си, ако не сакаш да се разболиш.
Здраво тело и здрав ум-многу тешко во дребнав живот.
Од моментната и долготрајната расположба најмногу зависи здравјето за живот.
Здравје за живот и живот за здравје-во исто време и заедно.
Животот ни го троши здравјето, а здравјето нè одржува во живот какви што сме.
Вреди да се жртвува здравјето за слобода на животот затоа што е тој неизлечиво болен без неа.
Медицината лечи за да излечи, но и за во животот човечки да нема ништо неизлечиво.
Здравје на живороден со дух животворен.
Во чиста и здрава природа:
Здравје за живот без болести.
Митра Блажена ги нареди теракотните плоки една врз друга, стана, му подаде рака на Теофил Вишнен да стане, па заедно навлегоа во густата шума.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 13