Он замислува:
Бил со неа, а всушност не бил зашто била без него и кога понекогаш биле заедно. Според него, она секако била секогаш со себе, според него можеби сама, но во исто време според него била со друг, според него можеби едновремено со повеќемина. За него е сосем неважно во каков однос. Единствено било и сега е важно тоа што бил со неа, а всушност не бил затоа што таа всушност никогаш не била со него.
Он замислува:
Она му рекла без промислување, значи небрежно дека не можат да имаат заедничко време. Разликите меѓу нив се суштествени и ненадминливи. Ниту тие разлики ги привлекуваат и надополнуваат. Без промислување, значи небрежно му нафрлила дека можеби ќе се случи нешто меѓу нив кога обајцата ќе бидат во години. Да, нешто блиско до љубов или во неа сосем, искрено и длабоко.
Он замислува:
По изминати повеќе од две децении, исполнети со секакви лични и семејни собитија, меѓу нив и драматични и трагични, од нови животи до ненадејни смрти, болештини поразени со последни сили, секакви авантури, патувања и откривања на непознати предели и простори. Сè до загрозување на личниот опстанок…он никако да ја заборави. Напротив, мисли на неа сè почесто и поинтензивно. Веќе е во состојба да се прашува загрижено што е сега со неа. Неретко се прашува дали е уште жива.
Он замислува:
Ни самиот не знае како го дознал нејзиниот телефонски број. Мисли дека го добил од некој нивен заеднички пријател или познајник. По некое време нерешителност, дури некакво за него непознато стравување, можеби повеќе неизвесност, решава да ѝ се јави.
Он замислува:
Ѝ се јавува макар само да ја слушне:
-Добар ден. Дали е на телефон онаа што ја знам и со која дамна бев одвреме-навреме, а со која всушност никогаш не бев?
По долг молк, низ смеа:
-Да, а знам кој си…Незаборавен глас…Кај си, драг човеку?…Боже, колку време се немаме видено…Како си?
Во неговиот глас нескриена возбуда:
-Не можеш да замислиш колку ми е драго што те слушам…Сакам да знам само дали си добро со здравјето…Само тоа.
Збунета:
-Добро сум…А ти? Што правиш? Кај си? До кај си?…Како живееш?
Во еден здив:
-Добро сум…Ете, уште сум жив…Живеам близу…Преживеав многу…Издржувам…Би сакал да се видиме, но јас…
Збунета и загрижена:
-Што ти?!…Зошто да не се видиме?
Продолжува:
-Немаш поим колку ми е драго што те слушнав…Благодарам…Прости што те вознемирив…Поздрави го семејството…Поздрав.
Он замислува:
Со неа е по повеќе од две децении. Сами на залез, на брег на брза река. Молчат загледани еден во друг.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 42