66. Поводно:
Награда за животно дело
Прв реагирав за доделувањето на наградата 11 Октомври (за животно дело) на Љупчо Бубо Каров, самонаречен „мултимедијален уметник“-штом се објави одлуката (статус „Тонеш Македонијо, тонеш!“).
Но, јас сум само дребникав старец со единствено творештво на светот(!), а кое во оваа држава и општество не значи баш ништо. Следствено, и моите реагирања на деструктивни и деградирачки собитија немаат никакво воздејство. Ретко се забележуваат, уште поретко предизвикуваат поправање-корегирање или преиначување.
Конкретно за односниот лик (не личност):
Лично многу добро го познавам и знам „мултимедијалниот уметник“. Имено, со Драган Б. Костиќ го „преселивме“ од Кавадарци во Скопје! Ми беше колега-соработник во Македонско радио, а му бев и уредник (програма Радио урнебес). Тврдам дека тој глумец на вицеви (ништо друго) не ни знае што е тоа мултимедијален уметник.
Да потсетам на некои ноторни нешта во врска со наградата воопшто:
1. Таа се добива односно се доделува како признание за особени заслуги, успеси, постигања и може да биде симболична и/или материјална-парична;
2. Наградата за животно дело е-треба да биде најголема, највисока од сите, што значи е над сите и е вообичаено да се доделува за врвно целокупно творештво; со врвни, веќе наградени-признаени дела од него. Многу ретко во одделни области се доделува само за едно дело. Кога е збор за материјална-парична награда, нејзината вредност е-треба да биде најголема од сите постојни;
3. Недозволиво е да се конкурира лично за највисока државна награда, и тоа за животно дело(!), како што е наградата 11 Октомври. За неа треба да се предлагаат-номинираат личности кои со своето творештво или дејност ја задолжиле науката, културата, уметноста-уметностите. Творештво или дејност значајни за државата и нејзиното претставување во светот. А самото предлагање-номинирање претставува чест односно признание;
4. Меѓутоа, кога веќе се доделува награда за животно дело по пат на конкурс, што е само по себе нејзино девалвирање и нонсенс, најпрвин мора да важи:
Ако конкурирале медиокритети, односно безначајни ликови-кои не задоволуваат утврдени критериуми, тогаш таа не се доделува!
Потсетувам:
Секоја награда говори еднакво и за добитникот и за доделувачот.
Во конкретниов „случај“ претседател на Одборот за доделување на наградата 11 Октомври е една госпоѓа, професор и доктор (намерно со мали букви; не ја познавам, ниту ми значи нешто, ниту ме интересира), која треба да ја изеде жив срам што дозволила да му се додели и на самонаречен „мултимедијален уметник“, всушност аматерски глумец на вицеви.
Патем, нешто навредливо за мене (искажано од лицемерни маргиналци):
Има „нешто лично“ во моево реагирање, „директно или индиректно“ во врска со моето творештво.
Да „расчистам“:
Да, има, но не во врска со мене. Имено, не само што досега немам добиено никаква награда или признание за моето грандиозно мислечко и книжевно творештво-единствено на светот (моментно 118 дела!), туку додека сум жив нема да дозволам да ми се додели или да примам.
Истото се однесува и на моето членство во МАНУ:
Немам интерес да станам академик бидејќи МАНУ нема интерес за мене како мислител и творец.