ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 63

Потребно време за читање: 2 минути

63. Опозиција

Поимот опозиција иде од латинскиот opposition и значи спротивставеност, односно несогласување со ставови, мислења, решенија и слично. Најмногу се користи во политиката за означување поединци, групи и организации спротивставени на власта во една држава. И тоа најчесто политичка патија или група партии спротивставени на владата или владејачката партија.

Се разликува репресирана опозиција-во авторитарните системи, од посакувана опозиција во либералните. Во современите демократии тие се „заменети“ со конструктивна и неконструктивна-деструктивна опозиција, а притоа или не се прецизно дефинирани, па нивното значење е во голема мера симплифицирано, или, пак, не се доволно раздвоени.  Најчесто, конструктивното опозиционо дејствување се изедначува со критика, а неконструктивното, поточно деструктивното со критизерство и недемократски, некогаш незаконски, дури противдржавни дејанија.

Во „младите“ парламентарни демократии, со сè уште ненеадминливи уназадувачки состојби и непредвидливи собитија, опозицијата е речиси исклучиво „концентрирана“ на парламентарната. Вонпарламентарната е речиси „безгласна“, не игра позначајна улога во движењето и придвижувањето на нештата. Се разбира, не треба да е така, но е така и ќе треба уште многу време за да биде инаку. Од друга страна, парламентарната опозиција речиси без исклучок се означува како неконструктивна, а за што во не мала мера придонесува таа самата. Пред сè со своето критизерство и нестрпливост што побрзо да ја собори партијата или партиската коалиција на власт, односно да ја земе власта во свои раце.

Има уште нешто: партијата или партиската коалиција на власт има потреба од конструктивна опозиција, како „коректив“ на владеењето. Таа тоа не го сокрива, туку отворено го посакува, постојано го бара. Зошто не го добива или го добива „случајно“, односно одвреме-навреме?

Судејќи според досегашното опозиционо однесување и дејствување, одговорот е мошне едноставен: затоа што опозицијата не знае или не сака да биде конструктивна. Што е, пак, последица на нејзино претходно владеење (поради лоши, дури катастрофални резултати симната од власт, поразена на избори). Притоа, „подзаборавајќи“ дека како парламентарна опозиција самата е дел од од законодавната власт (состав на Парламентот), а во не мала мера и од судската (во зависност од (не)примената на мерит системот при изборот на судии и обвинители).

Конкретно: што е тоа конструктивна опозиција?

Веќе одговорив делумно (и во мои поранешни текстови), а сега ќе ја потенцирам разликата меѓу критиката и критизерството.

Се знае: критиката е образложена оцена на дело, работа, дејствие или дејание, неретко се користи и како синоним за негативен став воопшто (и како сличност со прекор и приговор), а критизерството е недобронамерна критика. Кога е збор за опозиционото дејствување, само по себе се наметнува равенството меѓу критиката и конструктивноста, односно меѓу критизерството и неконструктивноста.  

Конструктивната опозиција не само што не е, не треба да биде критизерска, во тој случај е поточно да се назначи како деструктивна-разурнувачка, туку критичка. Што е уште поважно-алтернативна; да изнесува, предлага, сопоставува алтернативни решенија, проекти (закони) и слично, со непореклива аргументација, и да се залага за нивна примена. Што, пак, од друга страна, претпоставува концентрација (во опозициона партија или партиска коалиција со основна цел скорашно, догледно освојување на власта) на умност, опитност, знаење, стручност. Без волунтаризам и политикантство.

Парадоксално:

На позицијата-актуелната власт ѝ треба, дури таа самата бара опозицијата да биде конструктивна (коректив на нејзиното владеење)!

Кога опозицијата би била не конструктивна, туку вистинска (имајќи го предвид сето наведено во текстов, познато и помалку познато), позицијта-актуелната власт би била не само самокритична, туку и би стравувала за (не)успешноста на своето владеење.