13. Ресет
Често слушаме од аналитичари, експерти и опозициони политичари дека е/ќе биде нужно ресетирање на С. Македонија. Можно е тоа?
Потсетувам:
Ресет е термин од јазикот на информатиката и значи исклучување и повторно вклучување на електронски систем, а поради тоа што постои грешка која не може да се поправи; системот е со „фабричка“ грешка па треба да се постави одново, од почеток.
Значи, системот на северномакедонскава држава и општество е толку „расипан“ што не само не може да се „поправи“, туку мора целосно да се смени со нов. Значи, сè одново. Можно е тоа?
Пред да се обидеш да (си) одговориш, слободно промисли за следново:
-сè од почеток, сè одново прво претпоставува НОВ УСТАВ кој ќе дефинира НОВО УСТРОЈСТВО: или напуштање на унитарноста на државата и поставување нова (бинационална?, федерална?, конфедерална? кантонална?) или затврдување,„прочистување“, враќање на темелните вредности на унитарноста;
-сè од почеток, сè одново значи БЕСПРЕКОРНА функционалност и ефикасност на судската и извршната власт;
-сè од почеток, сè одново значи „бришење“ на партократијата и воведување ВИСТИНСКА ДЕМОКРАТИЈА во сите сфери на животот, дејствувањето, работењето, а не нејзино „сведување“ на право на глас при избори;
-истовремено или пред сè друго темелна промена на Законот за партии, од предусловите и условите за нивно формирање и дејствување (секако забрана за формирање еднонационални), па до начинот на нивно финансирање;
-сè од почеток, сè одново значи политика, а не политикантство, модерна и конкурентна економија, строга примена на мерит системот како основен критериум за мерлив индивидуален квалитет, во сите области;
-сè од почеток, сè одново значи да се направи она што го „препорачувале/препорачуваат“ бројни учени, мислители и политичари.
Можам да редам уште, но ти продолжи промислувајќи.
Потсетувам на „препораката“ на легендарната Голда Меир:
„1-Изедначете ја корупцијата со предавство и корумпираните службеници со предавници до седмо поколение.
2- Направете ги трите професии најдобро платени и почитувани-војска, наставници и доктори.
3-И што е најважно-работа, работа и само работа, затоа што никој освен тебе нема да те заштити, никој нема да те храни освен тебе, а твојата земја ти е потребна само на тебе и на никој друг.
Кога ова нема да остане само на зборови и едноставен слоган, туку ќе стане начин на живот за вас, тогаш сте ја постигнале целта.“
Ќе се изнајдат ли јунаци наведеното и уште многу друго да го спроведе? Се согласувате дека еден секако не може, а и ако се најде таков на стартот ќе биде „елиминиран“?