ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 55

Потребно време за читање: 2 минути

55. Политичкиот морал

Не ми паѓа на ум нашите политичари генерално (со задолжителното: секоја чест на исклучоците) да ги прогласам за неморални. А знам дека ни вам не би ви паднало. Особено ако сте определени, членови или симпатизери на некоја партија. Тамам работа вашиот лидер да е таков. Просто невозможно!

Можно е само да е повеќе или помалку морален од другите или од некои други (малку „потешко“ оти не можете да си дозволите да го споредувате со секого, туку само со оние што му се на „нивото“).

Ама мене веднаш ми се наметнува дилемата: можно ли е некој да е „помалку или повеќе“ морален? И каков би можел да биде тој политички морал кога политиката според својата „природа“ е неморална? („Политиката е ороспија“-има изјавено еден мислител и политички деец во минатото; баш во овој момент не ми текнува на неговото име и презиме).

А дали треба, само како потсетување, да набројам неколку морални вредности кои се универзални, а некои од нив „извираат“ и од самите Десет божји заповеди? Ви текнува, нели: „Не кради“, „Не лажи“…

Во едно ниедно време си имавме „вредносен“ критериум поради кој на мнозина, и денес паметам некои од нив, „мајчето им се расплака“: морално-политичка подобност. И тоа како што се пишуваше (ви ја напишав): со цртичка помеѓу „морално“ и „политичка“, ама како „едно цело“. Според социјалдемократската „детинска“ мудрост: „Цело е кога има сѐ “. Па, ако те оценеа како морално-политички неподобен, без оглед што, на пример, не си „општествено-политички работник“ (не постоеја „чисто“ политички), можеше дури и мрак да те изеде. Ех, какви „добри времиња“ беа тоа…со таков „моќен“ мрак…

Да, да , ептен „добри“. Не можеше како денес, немаше трте-мрте. Тамам работа некој да помисли да стане политичар без морал! Дури, можам да докажам дека морално-политичката подобност беше многу „повредна“ од денешниот политички (не)морал.

Да се вратам на нашава стварност. Лично јас прифаќам дека треба да одиме само напред, никако не назад. Макар привремено да стоиме во место. Значи, ниту да се свртиме наназад, барем колку да видиме што пат изминавме заедно. Скраја да е да помислиме да се вратиме малку назад и да им го испитаме и преиспитаме токму политичкиот морал, на пример, на главните од нив.

Туку, ај уште еднаш да си го кажам цврстиот и непоколеблив став во врска со политичкиот морал:

Не станува збор за некој посебен, специфичен морал својствен на политиката односно на политичарот. Морален човек може, поточно треба да биде секој, а најточно е да се рече би морал да биде. Моралноста во дејствувањето и работата, во секојдневјето не е доблест, туку особина која ја афирмира личноста на човекот. Да, токму така: моралноста е суштина на личноста, на нејзината вредност и индивидуалност.

А сте чуле за „морално-политичка нормалност“?! Можете да (си) ја дефинирате? Не е ли „блиска“ со чесноста и искреноста?