45. Единство на единствености
На повеќе наврати, во мои проблесоци во мислата и прозни дела (романи), сум изнел-елаборирал став дека ЕУ не е и не може да биде „единство на различности“, па како таква веќе е во криза и нема перспектива. Се спротивставувам со став дека таа би требало да биде заедница на различности во единство.
Во една од „одредниците“ на моето дело „Дума, опит, ука“-за единството (избор на македонски народни пословици, пословици од народи во светот, латински изреки, домисли, гесла, мисли водилки и мисли на личности во минатото и сегашноста-речено, издумано), во мојот „вовед“ одам „чекор понатаму“ и поставувам нова „димензија“ на единството: единство на единствености.
Еве го „образложението“ (во „воведот“):
Единство не на различности, туку на единствености. Зашто различноста во однос на друго е суштина на единственоста. Зашто таа значи препознавање, идентитет во меѓучовечките односи.
Оваа моја заложба, како врвна цел на човекот и човечката заедница (семејство, општество, држава…), ја сметам за многу важна и затоа ја изделувам-акцентирам и во ова мое дело.
Сигурен сум дека, ако не сега или отсега, тогаш во „догледно време“ ќе добие на значење и ќе предизвика слободно проблематизирање и промислување.