ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 31

Потребно време за читање: 2 минути

31. Политикантски партии

1. Доволно е основното поимање на политикантството за да се заклучи дека нашето севкупно општествено, економско, политичко, културно, уметничко итн. живеење и опстанување е политикантско. Затоа што со години наназад на власт се политикантски партии на чело со политиканти;

2. Политикантството, односно занимавањето со дневна политика која, пак, се сведува на дејствување, работење и владеење од лични интереси и интригантство, е коренот на сите зла што нè следат на секој чекор, нè ништат, нè уништуваат, ни прават секакви ситни, крупни и неизмерни злосторства, сè до тотално обезвреднување на животот: лажење, крадење, криминал, корупција, мафијаштво, клиентелизам, непотизам, кариеризам, страховладеење, платеништво, подаништво, покорност, коленичење, слугување на туѓини…;

3. Следствено, не станува збор за тотална политизација на живеењето, туку за негово тотално политикантирање. Кое, пак, од друга страна им одговара на „меѓународниот фактор“ и „стратешкиот партнер“, па го поддржуваат, го поттикнуваат-го стимулираат и финансираат. И тоа „во името“ на демократијата, слободата, граѓанските права…Не може да стане збор ни за поделба на власта-на извршна, законодавна и судска, туку за една „на куп“-тоталитарна;

4. Невозможно е да се организираат слободни, фер и демократски избори на политикантски власти (локални, парламентарни, претседателски);

5. Не опстануваат, а камо ли да прифатат да се занимаваат со политикантство интелектуалци-мислечки и творечки личности. Тие и без власт во дејствувањето и творењето применуваат-конкретизираат своја-лична политика;

6. При тотално политиканство во Македонија најзагрозено е македонството-националниот и другите идентитети на македонскиот народ! А неговата одбрана е последна пред негово бришење и уништување на неговата држава (поделби, конфедерација-кантонизација, принудно иселување и раселување…);

7. Можни ли се политички партии наместо политикантски? Да! Доволна е една голема и силна-опозициска, организирана, чесна, доблесна, авторитетна, компетентна, со политичари-истакнати мислечки и творечки личности-интелектуалци. Зад која ќе застане сиот народ, кој на какви-такви избори ќе ѝ ја довери сета власт;

На која меѓу првите задачи (од првиот ден на владеење) ќе ѝ биде жстоко „расчистување“ со политиканството. Почнувајќи од редефинирање и пререгистрација на политичките партии (нов Закон за партии).