ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 24

Потребно време за читање: 2 минути

24. Фер и демократски избори

Можно ли е во држава на мафија да се организираат фер и демократски избори?

Тоа е прашање што го измачува граѓанинот во Северџганијава, во оваа држава на мафија, со мафија на власт натурена од „меѓународна заедница“ на чело со „стратешкиот партнер“; во која нема народ, а има „делови од народи“, во која граѓаните се платеници или им слугуваат на „црпнати“ со опинок во глава и дибеци. Тоа е прашање чиј одговор го знае секој, но сепак го „реактуелизира“ предизборно.

Фер и демократски избори се пред сè и над сè чесни, правични, слободни, со почитување на еднаквоста и слободното учество-слободно остварување на правото на глас и (лична!) одговорност. Можни се такви во држава на мафија, со натурена мафијашка власт, во која меѓу другото, третото,четвртото…седмото…десетото беснее корупциска епидемија, владеат криминал, непотизам, клиентелизам, политиканство?! Фер и демократски избори во партократија?!

Незамисливо е мафија на власт да дозволи да падне сама од власта или да биде симната од неа фер и демократски! Особено ако е натурена, насилно „донесена“ од страна на „заинтересирани стратешки сили“.Неа може да ја победи и „суреди“ само друга мафија; посилна, поорганизирана и побогата. Или да падне „доброволно“, по налог на „натурачите“ односно „стратезите“. И во едниот и во другиот „случај“ со однапред прецизно и детално сценарио за организирање „фер и демократски“ избори.

Какви ќе бидат редовните или вонредните избори, станува јасно и несомнено во предизборниот период; конкретно читливо, гледливо и слушливо во предизборните кампањи. Во држава на мафија се знае однапред: власта со злоупотреба на владејачката моќ и народните пари-буџетот, а опозицијата, доколку се „процени“ дека мафијата на власт „претерала“ со мафијаштвото, со материјално-финансиска „поддршка“ на истите или некои противнички „стратези“.

А можни ли се „колку-толку“ фер и демократски избори? Се разбира дека се можни под одредени услови. Кои?

На пример: епидемијата на корупција да стане „апсолутно неподнослива“, веќе да не може да се „одвива“ контролирано, па да почне да се „прелева“ и кај „меѓународниот фактор“ на чело со „стратешки партнер“; од каде што впрочем е почната, а воспоставените „врски“ со „нивната“ се мошне цврсти; дури да се јават и „жаришта“ кај нив.

На пример: мафијаштвото толку да се втемелило во суштината на опстанокот на државата и општеството, што ги надминало целите за кои е натурено како власт-во Северџганијава уништување на Македонија и македонскиот народ. Тоа значи дека истовремено народот се свестил, се разбудил и се кренал на нозе во последен час, па „меѓународниот фактор“ на чело со „стратешкиот партнер“ е принуден да ја поддржи неговата концентрирана интелектуална, зналечка (стручна, експертска) и искуствена моќ. Тоа значи и организирање фер и демократски избори под нејзино „будно око“.

На пример: во партиската и непартиската, парламентарната и вонпарламентарната опозиција концентрираната интелектуална, зналечка (стручна, експертска) и искуствена моќ да е толку голема, што во мафијата на власт да е сè „нездраво“ односно заразено од епидемијата; да не може да се најде ниеден здраворазумен кој би прифатил да биде нов мафијашки кандидат за власт. Така што „меѓународниот фактор“ на чело со „стратешкиот партнер“ е принуден да „интервенира“, да „помогне“ најпрвин безбедносно во предизборно „самочистење“ на мафијата и казнување-отстранување на нејзините главешини (се разбира, почнувајќи од  Capo di tutti capi).

Има и друго за пример, а наведеново нека биде само почетно за проблематизирање и промислување.