За паметење

Потребно време за читање: < 1 минута

Спокојна река наеднаш
Се вознемири Се разбрани
Се распени и се излеа
Од своето корито.

Почна да прави ново
Во плодно поле запустено
Меѓу две суши недогледни
Меѓу две љубови безгрешни
Надевајќи се дека совреме
Ќе го направи длабоко
Макар само за себе
Да нема живот во себе
Макар за свој нов спокој.

Скоро стаса до подножје
На голема планина
Населена со диви животни
Луѓе самотни
И корени
Во длабокото минато
На своите срцевини.

Се обиде да ја заобиколи
Но наиде на натрупани
Камења од небо до небо
Кои раскажуваа за птици
Полетни и прелетни
Онемени пред
Мразни ветришта.

Се престори во понорница
И се нурна в земја
Притоа надевајќи се
Дека негде некогаш
Сеедно дали дење или ноќе
Ќе избие на поврвнина.

Остана подземна
И незнајна.

Во меѓувреме на еден
Стогодишен старец
Со цел живот минат
Во подножјето
На големата планина
Му истече
Последна капка крв
На зајдисонце.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 8