Се случи на крајот од 2006-та – „Барса“ во детското срце
Се случи на самиот крај од 2006-та година. Не како вест што се чита и заборава, туку како сцена што останува врежана – тивко, упорно, човечки. На трибините на стадионот во Јокохама, меѓу илјадници возрасни лица, камерата фати едно мало Јапонче со шал на Барселона. Не скока, не вика, не гестикулира. Плаче. Тивко, искрено, како што плачат само децата кога нешто навистина им значи.
Причината беше поразот во финалето на Светското клупско првенство, каде европскиот шампион беше совладан од бразилскиот Интернасионал. За многумина тоа беше само уште еден резултат. За тоа дете – крај на светот, барем за тој ден.
Фотографијата обиколи свет. Не затоа што прикажува фудбал, туку затоа што прикажува нешто многу постаро и подлабоко од фудбалот – припадност. Љубов што не знае за тактики, трофеи и табели. Љубов што не калкулира.
Со кратка, но детална „истрага“ – како што тогаш пренесоа медиумите – беше утврдено дека станува збор за Лео Мијагата. Неговиот татко бил еден од регистрираните членови на клубот, а момчето веќе учествувало и на младински тренинг-камп организиран од „Барса“ во Јапонија. Значи, не случаен симпатизер. Туку дете што расте со боите, со грбот, со приказната.
Токму затоа реакцијата на клубот не беше маркетиншка, туку човечка. Од Ноу Камп стигна одлука што денес, од оваа временска дистанца, уште повеќе добива на тежина. Момчето беше покането во Шпанија – на патување, на кратка „работна посета“ на клубот и неговите спортски објекти. Да го види со свои очи она што дотогаш го гледал преку екран. Да ја допре тревата, ходниците, дресовите. Да знае дека љубовта, кога е искрена, се препознава.
Денес, речиси две децении подоцна, во време кога фудбалот е глобален бизнис, алгоритам и платформа, оваа приказна стои како мал, но тврд отпор. Потсетник дека сѐ почнува од детско срце. Од солза што не е режирана. Од шал што не е купен за тренд, туку за припадност.
И можеби токму затоа ја паметиме. Не по резултатот. Туку по солзата.



